Уште 13 епизоди до крајот на „Game of Thrones“

Продуцентите на светски популарната серија „Game of Thrones“ потврдија дека остануваат уште само две сезони.

Дејвид Бениоф и Д.Б. Вајс порано изјавија дека серијата се ближи кон крајот, но сега во интервју за „Deadline“, дуото вели дека гледачите ќе можат да видат само уште 13 епизоди, седум во седмата сезона и шест во осмата сезона. Секоја од епизодите ќе има буџет од по 10 милиони евра.

„Зборуваме за две сезони. Од почетокот сакавме тоа да биде серија од приближно 75 часа. Да кажеме дека сега е планот да бидат 73 часа“, рече Бениоф.

„Крајот на приказната ни е познат веќе некое време и се движиме кон него“, додаде тој.

Џорџ Мартин, автор на книгата „Песната на мразот и огнот“ која е основа за „Game of Thrones“ веројатно не е задоволен од скратувањето на сезоната.

Серијата веќе ги надмина неговите книги, но во 2014 година кажа дека посакува сезоните да имаат по 13 епизоди, наместо по 10. Шестата сезона драматично заврши во неделата, а емитувањето на следната ќе почне во април, идната година.