Ураганот „Метју“ се движи кон Флорида откако однесе над 300 животи на Хаити

Над 300 луѓе загинале, а на околу 350 илјади луѓе им е потребна помош по ураганот „Метју“, најмоќното невреме кое ги зафатило Карибите последнава деценија.

50 жртви има само во градот Рош а Бету на Хаити, а во соседниот град Џереми, 80% од објектите се срамнети со земја. Во провинцијата Суд, 30.000 домови се уништени. Најголемиот број од смртните случаи на Хаити биле во градчињата и рибарските села низ јужниот брег, жртвите загинале од паѓања на дрва, предмети кои летале низ воздухот и надојдени води, јавува ББЦ.

haiti-3

haiti-2

Ураганот, кој се очекува денеска да ја зафати американската држава Флорида, од американските служби е прогласен за трета категорија со постојан ветер од околу 190 километри, што значи дека неговата сила малку е намалена од првичните очекувања. Гувернерот Рик Скот предупреди дека „за жал, ураганот ќе убие луѓе“ и дека цели населби можат да бидат збришани од едно од најсилните невремиња на кои се сеќава. Тој ги повика 1,5 милиони жители на Флорида кои живеат во зоните кои се под опасност да ги напуштат своите домови на безбедно место додека трае ураганот.

Американскиот претседател Барак Обама веќе потпиша вонредна декларација за 28 крајбрежни окрузи на Флорида кои се наоѓаат на патот на „Метју“, ослободувајќи федерални ресурси за справување со природната катастрофа и последиците од неа.

Вонредна декларација е прогласена и за државите Џорџија и Јужна Кaролина кои исто така се во ризик следниве денови да бидат зафатени од „Метју“.