Ураганот „Метју“ остави преку 800 жртви во Хаити, Флорида го избегна најлошото

Бројот на жртви на Хаити е над 800 лица и може дополнително да се зголеми, додека спасувачките тимови добијат пристап до јужните места отсечени од ураганот.

Карлос Велосо, од Светската програма за храна, рекол дека некои од најпогодените градови се достапни само преку воздух и преку море, пренесува ББЦ.

Хаити по „Метју“ - Фото: Ројтерс

Поголемиот број од смртните случаи на Хаити биле на југозападниот брег, каде бурата најсилно удри во текот на претходните неколку дена.

„Метју“ во моментов беснее по крајбрежјето на американската држава Флорида, но неговата сила е намалена на втора категорија – каде брзините на ветрот достигаат најмногу до 177 километри на час. На Сафир-Симпсоновата скала на интензитет на урагани има пет категории. Првичните очекувања беа дека ураганот кој ќе ја погоди Флорида ќе биде од четврта, разорна категорија, но таа претходниве два дела се намали за две скалила.

Среќна околност за крајбрежните градови на Флорида била што „Метју“ го сменил правецот на своето движење, од предвиденото од метеоролозите, за 30-тина километри. Ова придонело жителите на Флорида да го избегнат најлошото.

Силата и штетата на „Метју“ на Флорида. Фото: Ројтерс

Американските медиуми известуваат дека засега се потврдени четири жртви поврзани со ураганот, додека надлежните од Флорида соопштиле дека над 1 милион корисници се без електрична енергија.

Најголемите поплави ги зафатиле градовите Џексонвил, Сент Августин и Ормонд Бич.

Националниот американски метеоролошки сервис предупреди дека ураганот, со послаб интензитет, се движи на север кон Северна Каролина.