Универзитетот Њујорк ќе ги сместува студентите со пензионери за да им ги намали трошоците

Со оглед на тоа што школарината и сместувањето на Универзитетот на Њујорк годишно чинат повеќе од 60 илјади долари, колеџот има сѐ помалку студенти. Њујорк Сити е еден од најскапите градови во светот, па универзитетот решил да понуди поевтина алтернатива за студентите.

Приватниот универзитет започнува програма со која студентите ќе живеат со постари жители на Њујорк, кои имаат слободни соби во својот дом.

Студентите ја нарекуваат можноста за сместување „слободната соба на баба“. Тие ќе живеат со пензионери во областа на универзитетот, кои имаат финансиски проблеми. Студентите нема да работат за своите постари цимери, ниту пак треба да се грижат за нив на било каков начин, само треба да ги делат трошоците за сметки со нив.

Програмата се очекува да ги намали трошоците за живеење на пола – од 13000, на околу 6000 долари.

Само 10 студенти ќе бидат дел од „експериментот“ првиот семестар откако ќе започне програмата. Универзитетот потенцира дека ќе избира „зрели апсолвенти и студенти на мастер студии“, а бруцошите кои вообичаено се повеќе фокусирани на забави не можат да аплицираат.