Универзитетите во Белград и Љубљана во топ 400, Македонија повторно ја нема никаде на Шангајската листа

Универзитетот во Белград се наоѓа помеѓу најдобрите 300, а Универзитетот во Љубљана помеѓу најдобрите 400 универзитети на новото Академско рангирање на универзитетите во светот за 2017 година, популарно наречената Шангајска листа.

Македонија и оваа година нема претставник на листата, додека од балканскиот регион во најдобрите 500 универзитети во светот е застапена само уште Грција со три високообразовни установи.

Мапата на европските земји кои имаат универзитети во топ 500. Колку потемно сино е обоена државата, толку повеќе универзтитети има на ранг листата.

Меѓу првите дваесет најдобри универзитети на Шангајската листа 16 се од Соединетите Американски Држави, три од Велика Британија и еден универзитет од Швајцарија.

Првите две места за 2017 година ги задржаа Универзитетот Харвард и Универзитетот Стенфорд, додека промена има на третото место, на кое британскиот Кембриџ Универзитет го престигна Институтот за технологија на Масачусетс (МИТ).

Шангајската листа оваа година, за прв пат, го прошири рангирањето со дополнителни 300 универзитети. Во категоријата од 501 до 800 место во светот, од балканскиот регион се најдоа Универзитетот во Загреб и Универзитетот Бабеш-Болјаи од Романија.

Од континентална Европа, најдобро рангиран е швајцарскиот Институт за технологија од Цирих (19 место во светот), по што следува Универзитетот во Копенхаген (30) и Универзитетот Марија Кири во Франција (40). Во Азија најдобро рангиран е Универзитетот во Токио (24), додека Универзитетот од Мелбурн (39) е најдобро позициониран во Океанија.

Најдобрите 10 универзитети на Шангајската листа за 2017 година

Шангајската листа од 2003 година се објавува секоја година и се смета за едно од најпрестижните универзитетски рангирања. Рангирањето на светските универзитети се заснова на шест клучни индикатори – објавени научни трудови во меѓународни списанија, цитираност, број на добитници на Нобелови награди и Филдсови медали кои го посетувале или работат на универзитетот.