УНИЦЕФ: Едно од девет деца – бегалци и мигранти се водат како исчезнати

УНИЦЕФ денеска повика на итни мерки за заштита на децата-бегалци и мигранти без придружба во Европа, кои се изложени на сериозен ризик од злоупотреба, експлоатација и трговија со луѓе и чиј број достигна рекорд од над 95 000, минатата година.

Проценките на Интерпол се дека едно од девет непридружени деца -бегалци и мигранти се водат како исчезнати или недостапни, но за бројките се верува дека се далеку повисоки.

Податоците кои стигнаа од седиштето на УНИЦЕФ во Женева се кастрофални, велат од организацијата. Во Словенија, на пример, повеќе од 80 проценти од децата без придружба исчезнале од прифатните центри, додека во Шведска, до 10 деца се пријавуваат како исчезнати секоја недела. Претходно оваа година, 4.700 деца без придружба биле евидентирани како исчезнати во Германија.

„Децата без придружба се лизгаат низ раце. Многу од нив едноставно бегаат од прифатните центри за да им се приклучат на пошироките семејства додека чекаат или поради тоа што немале целосно рочиште за утврдување на нивниот најдобар интерес, ниту пак за објаснување на нивните права“, изјави Мари Пјер Поаре, специјалниот координатор на УНИЦЕФ за бегалско-мигрантската криза во Европа.

Повикот доаѓа во време кога земјите-членки на ЕУ започнаа преговори за создавање поправеден и поодржлив систем за справување со мигрантите и бегалците. УНИЦЕФ истакна дека секоја одлука која ги засега децата треба да биде заснована врз најдобрите интереси на детето и повика овој принцип да се зајакне во Даблинската Регулатива, за која се расправа во моментов.

УНИЦЕФ ја нагласи важноста за забрзување на одлуките кои се однесуваат на детето, посочувајќи дека децата во моментов мора да чекаат до 11 месеци меѓу регистрацијата и трансферот во земјата што се согласила да ги прифати. УНИЦЕФ повикува на скратување на периодот на чекање до најмногу 90 дена, на непосредно назначување на старател и забрзано семејно обединување.

„Ова е клучот за заштита на децата без придружба и за спречување тие да исчезнат. Најновите достапни податоци покажуваат дека 96.500 деца без придружба поднеле барање за азил во Европа во 2015 година, односно околу 20 отсто од вкупниот број на деца кои бараат азил. Мнозинството се машки тинејџери од Авганистан, додека Сиријците се втората група по големина. Значителен број се под 14-годишна возраст и патуваат сами, без заштита на возрасни членови на семејството или старатели. Во некои земји, децата без придружба се повеќе од половина од сите деца кои пристигнале во 2015 година. Во Шведска, бројот на непридружените адолесценти изнесуваа 50 проценти од сите деца-бегалци, додека во Италија пристигнаа 12.300 деца без придружба, а дополнителни 4.000 беа со своите семејства“, се вели во соопштението УНИЦЕФ.