УНХЦР предупредува на голема хуманитарна криза во Европа

Европа е на работ на голема, самопредизвикана хуманитарна криза, предупредува во денешниот извештај, Агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР.

Предупредувањето доаѓа по брзото зголемување на бројката на мигранти и бегалци во Грција, во време кога владите не соработуваат иако веќе се постигнати договори во голем број области, а државите наметнуваат нови гранични рестрикции. Неконзистентните практики, укажуваат од УНХЦР,  предизвикуваат непотребно страдање и се различни од меѓународните стандарди и правото на ЕУ.

„Од минатата вечер (понеделник), бројот на бегалците и мигрантите во Грција на кои им е потребно сместување се искачи на 24.000. Околу 8.500 од нив биле во Идомени, во близина на границата со Поранешната Југословенска Република Македонија. Најмалку 1.500 ја поминаа ноќта на отворено. Преполнетите капацитети доведоа до недостиг на храна, засолниште, вода и санитарни услови. Тензиите растат, разгорува насилството и можноста за паѓање во раце на луѓе шверцери. Грчките власти одговорија така што војската поставува два кампа во близина на Идомени, со проектиран капацитет од 12.500 лица и трет кој е веќе во изградба“, велат од УНХЦР.

Во извештајот се посочува дека во текот на зимата се бележи намалување на мигрантите и бегалците кои патуваат преку Медитеранот кон Европа. Според последните достапни податоци 131.724 луѓе пристигнале во текот на јануари и февруари (122.637 од нив по копнен пат, преку Грција). Ова се приближува на вкупниот износ за првата половина на цела 2015 година (147.209 лица). Од почетокот на годинава, се бележи бројка од 410 загубени животи.

Решавањето на ситуацијата со бегалците и мигрантите во Европа и спречувањето нова криза во Грција бара голем број на јасни акции, укажуваат од Агенцијата за бегалци.

„Меѓу најитните од ова, кога станува збор за Грција, е потребата за подобро планирање на вонредни ситуации, со зголемувањето на капацитетите за сместување и друга поддршка. Властите се обидуваат да одговорат веднаш за да се спречи понатамошно влошување на условите во цела Грција. Но, повеќе ресурси и подобра координација се од клучно значење за спречување поголем хаос и страдања“, се додава во извештајот во кој се укажува дека Грција нема да може сама да се справи со ваквата ситуација , туку потребна е целосна европска поддршка.