УНХЦР: На граничните премини има национална поделба на бегалците

УНХЦР заедно со Меѓународната организација за миграција и УНИЦЕФ изразија загриженост откако земји на Балканот, вклучително и Македонија, воведоа забрана за премин на мигранти кои не доаѓаат од земји со воени жаришта.

„Негативните последици од тие акции стануваат јасни, со тоа што луѓе остануваат заглавени во земји кои се дел од рутата, и без соодветно решение на нивната ситуација“, се вели во заедничкото соопштение на организациите.

Тие посочуваат дека новите забрани ги делат луѓето според нивната националност. На границите меѓу Грција и Македонија, и границите на Македонија со Србија е дозволено да поминуваат само бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан, додека бегалците од другите националности се сопрени.

Според УНХЦР, околу 1000 луѓе се заглавени на главниот влез за Македонија од Грција. Чекањето пред границите предизвика гнев меѓу 200 економски мигранти што резултирало со протест, главно на мигранти од Иран, Пакистан и Бангладеш.

Информациите на УНХЦР од терен покажуваат дека шеесетина лица штрајкуваат со глад, додека 11 од нив си ги зашија усните. Околу 150 од нив доброволно се вратиле во Атина, во изминативе 48 часа, каде ги посоветувале да побараат азил. Во близина на граничното подрачје Едомани, УНХЦР постави транзит центар каде луѓето кои се заглавени на границата ќе можат да јадат и спијат.

„Сите луѓе имаат право да бараат азил, без разлика на нивната националност, и да се слушнат нивните индивидуални случаи. Потребно е да им се обезбедат релевантни информации  на луѓето кои се засегнати од одлуките на граничните премини и соодветно советување“, стои во соопштението.

Меѓународните организации апелираат дека мерките на македонските и српските граници се во корист на трговците со луѓе, со оглед на тоа дека бегалците бараат алтернативни начини за да се извлечат од хаотичните ситуации.