Унгарија го донесе законот за азил, ќе ја подига оградата долж границата со Србија

Унгарскиот парламент денеска го усвои законот со кој се заоструваат правилата за азил и се дава правна основа за подигнување на најавената ограда долж границата со Србија, која според унгарските власти би требало да го спречи приливот на имигранти во земјата, пренесува агенцијата Мета.

Со законот се скратува периодот за проверка на азилантите, а на официјална Будимпешта ѝ се овозможува да ги отфрла барањето на имигрантите од Сирија, Авганистан или Ирак, кои попатно минале низ некоја побезбедна земја.

ОН и Советот на Европа претходно го критикуваа предложениот закон, оценувајќи дека со него се ослабува заштитата на бегалците во Унгарија.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно изјави дека границите на Унгарија мора да бидат заштитени со сите расположливи средства од бранот имигранти кои пристигаат преку Балканот.