УНЕСКО загрижена за иднината на Охрид, активисти започнаа кампања за негово зачувување

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 40-та седница во Истанбул изрази сериозна загриженост за иднината на регионот на Охрид, поради бројните инфраструктурни проекти кои беа предложени, што потврдува дека тие најверојатно би предивикале значителни потенцијални влијанија врз исклучителната универзална вредност на регионот на Охрид.

По одлуката на Комитетот, неколку еколошки активисти покренаа кампања„Вредно е!“, а од вчера е распишана и онлајн петиција на сервисот change.org, за зачувување на единствената локација под УНЕСКО во државата, која за еден ден ја потпишале над 16 000 луѓе.

Покрај ова, Комитетот бара од македонската влада да ги покани Светскиот центар за наследство/COMOS/IUCN на заедничка мисија на Реактивен мониторинг на имотот во 2016 година и ја нагласува можноста Охрид да биде вклучен на Листата на светското наследство во опасност во 2017 година.

„Сите ние го имаме правото и должноста да го зачуваме ова наследство и да го пренесеме на идните генерации, не само во Македонија, туку и на следната генерација во светот. Затоа ја започнавме кампањата, барајќи мораториум на овие деструктивни проекти и целосна имплементација на законот за управување на природното и културно наследство во регионот на Охрид“, се вели во онлајн петицијата.