Уметници покренаа онлајн кампања за собирање пари за изградба на статуа во чест на Дејвид Боуви

Лансирана е онлајн кампања на „Кикстартер“ за финансирање на изградба на споменик во чест на Дејвид Боуви, во форма на голема грмотевица, во близина на неговото родно место во Брикстон.

Дизајниран од страна на неколку уметници, во консултација со членови на тимот на починатата ѕвезда, споменикот е инспириран од албумот „Aladdin Sane„ и ќе биде поставен пет улици подалеку од Стенсфилд, Лондон, каде што тој беше роден.

Тие се надеваат дека ќе соберат 990,000 фунти за 28 дена за да може да ја финансираат инсталацијата, која ќе стои веднаш до познатиот мурал на Џими С. од Aladdin Sane. Досега кампањата успеа да собере речиси 30,000 фунти за 24 часа.

Според описот на кампањата, деветметарската молња ќе биде обоена во црвено и сино.

„Музиката, уметноста и љубопитноста се од витално значење и позитивен придонес за нашата колективна егзистенција”, се вели на страницата.

Поддржувачите ќе добијат голем број на награди, па така оние кои ќе донираат 20 фунти, нивното име ќе биде впишано на официјалниот меморијален сајт за Дејвид Боуви, додека оние што ќе донираат 10,000 фунти, ќе добијат реплика на статуата – Зиги Зег. Помалата верзија е создадена од Бенсон Седвик Инженеринг, што ја гради вистинската Зиги зег статуа, а претходно дизајнираше банкноти за 10 фунти со ликот на Боуви.

Една година откако почина музичката ѕвезда, тој синоќа беше посмртно награден на 37-то издание на Британските музички награди.