Уметничка дружба во демирхисарското село Слоештица

Во сабота, 22-ри јули, љубителите на уметност ќе имаат можност да го посетат отвореното студио во селото Слоештица, Демир Хисар, каде ќе бидат изложени делата создадени на 16-та Уметничка резиденција.

Настанот ќе се одржи во меѓународниот центар за уметност и  одржлив развој „Арт Поинт – Гумно“ кои поканиле две уметнички двојки што годинава прославуваат 3 години заедничко живеење и креирање: Мејси Ларгадо Ротман и Кристијан Ротман од Берлин, Германија и Ева Мајер и Арон Мајорош од Будимпешта, Унгарија.

  • Мејси Ларгадо Ротман потекнува од Миндоро, Филипини каде дизајнирала уметнички разгледници со традиционални фолклорни мотиви. Од 2014 живее во Берлин каде честопати асистира при изведбата на инсталации/скулптури на отворено на нејзиниот сопруг. Коавтор е на книгата „Птицата Лили“ чија цел е да им ја приближи германската култура на мигрантите;
  • Кристијан Ротман е уметник со голем творечки опус. Препознатлив е по виножитниот колорит што на неговите дела и тежнее да се стопи со динамиката од надворешниот свет. Со своите фотопроекти („Ти и јас“, „Мајки и ќерки“ и др.) Ротман постојано патува низ светот. Застапен е во повеќе колекции од Германија до Јапонија;

  • Ева Мајер е најмладиот добитник на престижната Унгарска државна награда за уметност Мункачи (во 2013тата). Таа е графичар и сликар што често експериментира , комбинирајќи повеќе техники. Во нејзиното творештво доминира духовнста со интегрирани религиозни елементи. Мајер е основач и организатор на реномираниот симпозиум за уметност ДунАрт во Шаморин, Словачка.
  • Арон Золт Мајорош е уште едно од звучните имиња не само на уметничката сцена на Унгарија, каде ги има освоено сите позначајни национални признанија. Неговите до беспрекорност изработени скулптури што се дел од национални и приватни колекции во Унгарија, Шпанија, Турција и Мексико го привлекуваат вниманието на неколку високо рангирани светски галерии.

Посетителите можат да ја погледнат поставката и лично да се запознаат со уметниците во периодот од 13 до 20 часот.

Уметничката резиденција во Слоештица започна на 10-ти јули и ќе трае до крајот на месецот. Реализацијата е овозможена со делумна поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.