Угостителите се против изградба на улица на кејот на Вардар

Сопствениците на угостителските објекти на кејот се против изградба на проектираната улица од страна на Град Скопје како времена мерка која ќе овозможи изнаоѓање на трајно и соодветно решение за сите граѓани.

„Ги повикуваме сите засегнати институции (двата градоначалници г-нот Трајановски и г-динот Жерновски) како и стручната јавност и граѓаните, активно да се приклучат кон оваа иницијатива за изнаоѓање на трајно решение бидејќи кејот е јавен простор кој го користиме сите. Изградба на планираната улица како што е моментално предвидена целосно би го уништила кејот и би го попречила слободнотo движење на граѓаните“. – стои во соопштението од сопствениците. Тие потенцираат дека на ова најмаркантно шеталиште дневно поминуваат повеќе од 10.000 (десет илјади) гости и туристи кој уживаат во уникатниот поглед на градот и знаменитостите. Тие велат дека отпорот кон оваа одлука е огромен од граѓаните кој секојдневно ги уживаат благодетите на кејот 13 Ноември. Ова здружение ги претставува повеќе од дваесетина сопственици/ закупци на кејот како и повеќе од 500 (петстотини) вработени кој директно се загрозени со првичната одлука.

Со изведбата на улицата по одлуката на градот Скопје се наштетува и на работата на над илјада директни добавувачи/кооперанти. Тие се надеваат дека во соработка со градските и локалните власти ќе се изнајде заедничко решение прифатливо за сите“, се вели во соопштението на Здружение на сопственици и закупци на деловните објекти на кејот 13 Ноември Скопје.

Претходно, градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, соопшти дека доставил одлука до Советот со која забранува било какви градежни активности помеѓу реката Вардар, улица „Војвода Васил Аџиларски“, улица „Димитрија Чуповски“, улица „Македонија“, плоштад „Македонија“ и Камен мост. Тоа значи дека сите активности ќе се забранат ако биде усвоена оваа одлука.

Град Скопје пак, реагираше дека не станува збор за транспортна улица, туку дека улицата треба да биде пристапна.

„Господинот Жерновски не ја кажува вистината кога тврди дека Град Скопје има намера да изгради улица, кога вистината е дека оваа пристапна улица што ќе се гради на кејот „13 Ноември“, на потегот од улицата Филип Втори Македонски до објектот на „Телеком“, е предвидена со Детален урбанистички план донесен од Општина Центар. Не е точно тврдењето на Жерновски дека станува збор за транспортна улица која се гради на кејот „13 Ноември“. Станува збор за пристапна улица со посебен сообраќаен режим за која Град Скопје има законска обврска да издаде согласност, а ќе ја гради приватен инвеститор“, стои во соопштението на Градот.

По информациите дека дел од кејот на Вардар ќе биде пренаменет во улица за сообраќај, граѓаните најавија низа протести за спас на кејот. Од фејсбук групата „Да го спасиме шеталиштето на кејот на Скопје“, која брои 11 400 граѓани, најавија дека со „жив штит“ ќе го бранат кејот на Варадар.