Учениците во државните училишта во Бостон повеќе нема да учат од мапата на Меркатор

Светската мапа, според која е засновано целото географско знаење, веројатно не е најточна како што порано се мислеше. Речиси 500 години, училиштата ја користеа мапата на Меркатор, која континентите во северната хемисфера ги прикажуваше поголеми од тоа што се. Но, сега, државните училишта во Бостон ќе започнат со користење на мапата на Гел-Петерс, која се обидува да ја поправи големината на државите и може да има драматично влијание врз погледот кон светот кај учениците.

Фламанскиот картограф Жерард Меркатор ја осмислил неговата мапа во 1569 година. Денес, стотици години подоцна, училиштата во Бостон ќе ја заменат. Директорката на одделот за историја при бостонските државни училишта, Наташа Скот, верува дека тие се првото јавно училиште во Америка што ќе ја направи оваа промена.

Мапата на Меркатор го информираше колективот низ светот со векови, но според оваа мапа изгледаше дека Северна Америка и Европа се поголеми од Јужна Америка и Африка, на пример. Според Меркатор, поместен е и екваторот, со тоа што Германија е поставена во близина на средината на мапата, иако треба да биде многу повеќе на север. Арно Петерс, германски историчар, ја објавил својата мапа во 1974 година, а бидејќи се совпаѓа со работата на Џејмс Гал, шкотски картограф од 19 век, денес е наречена Гал-Петерс мапа.

Во училниците во Бостон сега двете мапи стојат една до друга. Колин Роуз, помошна управничка на бостонските државни училишта, во изјава за „Гардијан“ вели:

„Ова е почеток на тригодишен труд да се деколонизира наставната програма во нашите јавни училишта. Важно е учениците да веруваат во материјалот што им е даден на училиште, но и да прашуваат. Мапата на Меркатор е симболично претставување со кое Европа е ставена во центарот на светот и кога ќе продолжете да прикажувате слики од местата каде е вкоренето наследството на луѓето, тоа не е точно, тоа има влијание врз учениците“.

Но, некои луѓе сметаат дека Гал-Петерс мапата е исто така, изобличена – претежно поради фактот што е тешко да се постави облик на тродимензионална сфера на дводимензионално парче хартија. Големините се точни во мапата на Гал-Петерс, но формите се погрешни. Државите во близина на половите се развлечени вертикално, според „Бизнис инсајдер“. Тие ја наведуваат како добар пример и мапата на Винкел, што „National Geographic“ ја применува од 1998 година.