Учат на различни јазици на заеднички часови

Од јуни, кога завршува оваа учебна година, во светот на возрасните влегуваат 29 матуранти од тетовско кои изминатите четири години имаа можност да стекнат едно поинакво средношколско и животно искуство. Тоа се средношколците кои посетуваа настава во истурените паралелки на тетовското средно земјоделско училиште „Моша Пијаде“  во селото Прељубиште. Една паралелка на македонски и една на албански јазик, покрај редовната предмети, воннаставните активности ги спроведуваа на заеднички часови. Ова е првата и единствена генерација во Македонија која на ваков начин стекна средношколско образование, а покрај тоа, успеаја да научат и дел од јазикот и културата на другата заедница, како и да стекнат нови познанства.

Учат на различни јазици на заеднички часови

„Држиме воннаставни активности трипати неделно и преку тоа може да го изучиме подобро албанскиот јазик“, вели Љупка Димковска, средношколка.

„Во рамки на воннаставните активности се имаме запознаено подобро со културата и традицијата на нашите соученици Македонци“, вели Дритон Фетаи.

„Пред да дојдам во училиштето, познавав само еден од моите соученици од албанската заедница, но сега, по четири години поминати заедно се познаваме сите добро“, вели Мирослав Андровски.

Овие две паралелки функционираа според моделот „Нансен“, кој има за цел подобрување на воспитно-образовниот процес, но и развој на животни вештини кај учениците, наставниците и родителите насочени кон соживотот на заедници со мултиетнички карактер. Фокусот беше ставен на надминување на јазичната бариера и конкретно дружење и комуникацијата помеѓу учениците, вели Сашо Стојковски од Нансен дијалог-центар, организација која заедно со училишниот центар го спроведуваат овој модел на образование.

„Преку двата јазика, односно користиме двајца наставници Македонец и Албанец, се обидуваме едноставно да се заучуваат нови зборови од другиот јазик едноставно преку парафразирањето кое што го употребуваме како техника во нашите активности. Значи, не преведување, на она што го кажува наставникот туку преку парафризирање да вниманието на учениците, да биде цело време насочено кон она што го кажува наставникот од неговорното подрачје односно од другата етничка заедница, вели Сашо Стојковски.

Покрај матурантите во училиштето во Прељубиште има и трета година од истата струка компјутерска техника, информатика и автоматика. За новата учебна година од септември се прават напори за проширување во нови објекти, како и формирање повеќе паралелки.

Извор: Радио Слободна Европа