„Тврдокорните“ утре протестираат пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и Собранието

„Тврдокорни“ и „Македонски обединети сили“ утре организираат протест против, како што велат, двојазичност и албанизација на Македонија.

Протестот започнува од 18 часот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје. Потоа, од пред „Белата палата“ маршот е предвидено да се движи пред Собрание со цел „да им кажат на пратениците кои ќе кренат рака за воведување двојазичност“.

„Браќа Македонци, чукна светиот час за одбрана на нашата татковина. Придружете ни се и направете нешто за оваа држава. Не седете дома, излезете на протести со нас против двојазичноста! Дојде денот на завршната битка за опстанок на нашата татковина! Законот за двојазичност е крај за македонскиот карактер на државата на Македонците! Половина од сите вие кои го читате овој текст нема да бидете на овој свет после 30 години, но другата половина ќе страда од последиците од овој закон за двојазичноста. Вие не сте единствени кои ќе срадаат од овој закон, дури и после вашата смрт вашите деца, внуци и правнуци ќе ги чувствуваат последиците од овој закон за двојазичност. Што значи тоа двојазичност, дали идниот чекор ќе биде и двојазичност на нашите гробови? Дали сакате да ги видите вашите внуци и правнуци како учат албански на училиште. Дали ќе дозволиме државата да го изгуби македонскиот карактер?“, стои во повикот за протестот.

Според организаторите, двојазичноста не е само губење на македонскиот карактер на државата, туку и „прикриен тивок но сигурен културен геноцид врз македонската нација“.

„Написов не е насочен само кон една личност или една партија, туку кон сите бидејќи сите се одговорни. Првенствен непријател на македонскиот народ се неговите политичари – кумови на мафиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Овие 2 партии (криминални здруженија) ја прифатија тиранската палтформа. Уште се свежи лузните од велепредавствата на ВМРО-ДПМНЕ како амнестијата за хашките случаи, назначувањето на Талат Џафери за министер за одбрана, Законот за јазиците, Законот за знамињата, продажбата на Кичево итн. Ние се бориме против овие 2 предавнички криминални структури. Ние сме заколнати непријатели на овие 2 мафијашки кланови, кои заедно со нивите албански коалициони партнери работат на уништување и егзодус на македонскиот народ. Ние сме тврдокорни и ние сме овдека да ги браниме македонските национални црвени линии!“, стои меѓу другото во повикот на протестот.