„Тврдокорни“ денеска ќе маршираат од Соборен храм до паркот „Жена борец“

Македонско патриотско движење наречено „Тврдокорни“ денеска од 17 часот најави мирен марш под мотото „Македонски марш – завет за Македонија“.

Маршот ќе почне пред Соборниот храм на МПЦ во Скопје, а ќе заврши до паркот „Жена Борец”.

„Да ни се приклучат сите искрени патриоти, бранители, студенти, граѓански организации, Македонци кои се спремни партиите да ги остават зад себе и да дадат свој придонес за наше национално надпартиско обединување кое ќе го започнеме на тој ден! Од 17 до 20 часот да бидеме Македонци, а битките околу политиката да им ја оставиме на оние кои што се бават со политика. Понесете со вас македонски знамиња и облечете се во црна облека. Не носете навивачки и партиски обележја. Чувајте го јавниот ред и мир и придонесете маршот да биде мирен, достоинствен, каков што и чин заслужуваат нашите паднати бранители од 2001 година, пред чиј споменик ќе дадеме завет за Македонија, и ќе положиме свежо цвеќе“, апелираат од движењето, додавајќи дека по маршот ќе ги соопштат следните чекори.