Турскиот суд бара од Фејсбук да затвори страници поради навреда на исламот

Турскиот суд, по барање на Јавното обвинителство во земјата, упатил официјално барање до Фејсбук да се затворат неколку страници на социјалната мрежа, на кои, според Судот, се „навредува пророкот Мухамед“. Турските власти се закануваат дека доколку Фејсбук не ги укине спорните страници, комплетно ќе го блокираат пристапот до целата социјална мрежа, пренесува турската телевизија ТРТ.

Претходно, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди на „судир на цивилизаиите“, по бранот на напади на милитантните исламисти во Париз и рече дека зад масакрот во редакцијата на часописот „Шарли Ебдо“всушност се кријат напади врз исламот.

„Со голема загриженост ги следиме нападите на исламот кои се кријат позади нападите на сатиричниот магазин во Франција“, рече Ердоган, кој стана се погласен критичар на она што го смета за растечка исламофобија на Западот.

„Наспроти сите наши настојувања да тоа го спречиме, тезата за судирот на цивилизациите станува вистина“, рече Ердоган вчера, на состанок со бизнисмени во Анкара.

Премиерот на Турција Ахмет Давутоглу претходно изјави дека слободата на печатот никому не му дава дозвола да навредува, опишувајќи го објавувањето на карикатурите на пророкот мухамед како „голема провокација“.