Турција затвори 45 весници, 16 телевизии, 3 агенции

По неуспешниот воен удар во Турција, затворени се 45 весници, 16 телевизии и три новински агенции. Државната агенција Анадолу објави дека се отпуштени и околу 1.700 војници и 87 генерали.

Како што изјави турскиот претседателот Реџеп Таип Ердоган, целта на ваквите акции е да се отстрани наводната закана по обидот за пуч. Истовремено се отпуштени од работа или суспендирани и илајдници службеници од јавната администрација, а уапсени десетици новинари.

Телото надлежно за медиуми во Турција минатата недела одзеде дозволи за работа за дваесетина радиостаници и телевизии кои наводно се поврзани со свештеникот Фетула Ѓулен, кој од страна на Ердоган е обвинет за пучот. Ѓулен ги негираше ваквите обвинувања, а Турција од САД побара негова екстрадиција.

Локалните медиуми јавуваат и дека родната куќа на имамот Ѓулен ќе биде пренаменета во јавен тоалет, на барање на локалните жители. По неуспешниот воен удар на 15 јули, секојдневно во Турција се палат примероци од книгите на Ѓулен.