Турција: Закон за контрола на интернет-стримот и најава за купување на влијателните Хуриет и ЦНН Турк

Турскиот парламент изгласа нов закон за онлајн видео и аудио пренос, со кој сервисите кои планираат да стримаат содржини на интернет ќе мора да добијат лиценца и дозвола од Турскиот радиодифузен совет (РТУК).

Според законот, во недостаток на лиценца, надлежен судија може да блокира пристап до содржина во рок од 24 часа по приговор до РТУК. Доколку судијата одлучи дека содржината е нелегална, тогаш ќе биде блокиран пристапот само до специфичната содржина, наместо целосна блокада на интернет-страницата за стрим, јавува турскиот весник Хуриет. Медиумот потоа има право на жалба.

Лична размена на информации и објави на социјалните мрежи се исклучени од одредбите во новиот закон. Сепак критичарите на одлуката стравуваат дека законот може да влијае на содржините кои се пренесуваат преку традиционалните интернет платформи за видео содржини, како Јутјуб или Нетфликс.

Минатиот месец Комитетот за заштита на новинарите ги повика турските власти да се откажат од овој закон, кој, според нив, ја проширува интернет цензурата во земјата.

Пред носење на новиот закон РТУК можеше да ги регулира само конвенционалните радио и телевизиски станици во Турција.

Во текот на вчерашниот ден беше соопштено и дека компанијата Демирорен Холдинг, која е поврзана со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, го купува влијателниот весник Хуриет и телевизискиот сервис СНН Турк, бизнис зделка која може дополнително да ја зајакне медиумската поддршка за власта.

Според Ендрју Финкел, искусен коментатор на внатрешната состојба во Турција, договорот претставува „зголемено монополизирање на јавното мислење“, пренесува Ројтерс.