Турција бара казна за косовски новинар поради ФБ коментар за пучот, Косово одби

Турската амбасада во Косово побара од Владата во Косово да преземе мерки против новинарот Берат Бузала, поради негов ироничен коментар на Фејсбук откако не успеа пучот во Турција. Министерот за надворешни работи на Косово, Енвер Хоџај пак врати дека барањето за преземање санкции против новинарот е невообичаено и неприфатливо.

„Иако Косово е една една млада и мала држава, сепак има потреба да го чува престижот, гордоста и меѓународниот кредибилитет, да ги штити интересите на своите граѓани, како што е определена да ги зачува добрите односи со пријателските земји“, изјави Хоџај за Радио Слободна Европа.

Новинарот Берат Бузал е еден од најпознати во Косово и е сопственик на порталот за вести газетаекспрес.ком., кој важи за  најголем портал во земјата со околу милион читатели дневно.

За време на обидот за пуч во Турција, Бузала напиша сатиричен коментар на Фејсбук:

„Ги поканувам граѓаните на Република Косово кои се на одмор во Турција да и се придружат на армијата. Ова е најсериозен пуч откако постои Фејсбук“.