Турција нема да ги признава македонските дипломи

Турција го поништи договорот со Македонија во областа на образованието за меѓусебно признавање на дипломите.

Одлуката која е објавена во Службениот весник на Турција се однесува на договорот постигнат меѓу двете земји на 6 јули 1998 година, со кој Турција и Македонија воспоставија признавање на дипломите на сите нивоа на средно и високо образование. Одлуката на турските власти е потпишана од претседателот Реџеп Таип Ердоган и стапува на сила на 11 февруари 2017 година и со ова се враќа ситуацијата од пред 1998 година кога двете земји не ги признаваа дипломите во образованието.

Според ова, дипломата на студентите кои студираат во Македонија не важи во Турција.

Во Службениот весник се вели:

„Договорот потпишан на 6 јули 1998 година во Скопје, меѓу Република Турција и Република Македонија со број 98/11600, кој стапи на сила на 12 јули 1998 година во врска со признавање на дипломите за средни образованија, високи образованија, магистерски и докторати, од денот 11 февруари, 2017, се укинува. Врз основа на предметот со протоколарен број 11494949, од 22 ноември 2016 година на Министерството за надворешни работи и според Законот 244, член 3, со датум 31 мај 1963 година, оваа одлука е донесена на состанокот на Советот на министрите на 12 декември 2016 година“.

Дипломите издадени пред 11 февруари ќе се сметаат за валидни, но дипломите добиени по назначениот рок нема да се сметаат за валидни и нема да имаат никаква официјална вредност во Република Турција.