Турција ја исфрла од училиштата Дарвиновата теорија на еволуцијата

Турција е решена од програмите на средните училишта да ја исфрли Дарвиновата теорија на еволуцијата со цел „за да ги зачува локалните и националните вредности“.

Земјата со тоа ќе стане втора претежно муслиманска земја што донела таква одлука, по Саудиска Арабија.

Турските наставници тврдат дека теоријата на Дарвин е премногу комплексна за тинејџерите и дека треба да се почека до факултет за да можат да се „справат“ и да дискутираат за секуларниот научен дискурс. Одлуката треба да стапи во сила од 2019 година.

„Ги исфрливме контроверзните предмети за учениците што се на возраст во која не можат да ја разберат научната заднина на проблематиките. Бидејќи учениците во деветто одделение не се спремни како постарите класови да разговараат за секцијата ‘Потеклото на животот и еволуцијата’ на часовите по биологија, овој дел ќе биде одложен до додипломските студии“, изјави функционерот од Министерството за образование Алпасан Дурмуш, пренесе Џумхуриет.

Според него, исфрлањето на теоријата на Дарвин ги одразува „локалните и националните вредности на турското општество“. Одлуката да се исфрли Дарвин ја поддржал и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Дурмуш додава и дека часовите по религија и морал, кои сега се задолжителни, нема да бидат во програмата на учениците од прво, петто и деветто одделение ако тие самите не ги изберат.