Туберкулозата сè уште е болест на младата популација во Македонија

267 случаи на туберкулоза биле регистрирани во Македонија минатата година, што е за 17 помалку од 2015-та година. Иако бројот на новооткриени случаи со оваа болест континуирано се намалува, експертите велат дека туберкулозата во земјава останува болест на младата популација.

Податоците беа соопштени на пресконференција организирана од Националниот Координативен Механизам во соработка со Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза и Министерството за здравство, по повод Светскиот ден за борба против туберкулозата кој се одржува под мотото „Здружени да ја елиминираме туберкулозата – никој да не биде заборавен”.

Според информациите кои беа соопштени, во 2016 година стапката на заболени од туберкулоза била 12,9/100.000 население, намалување од 2015 година кога бројот на новорегистрираните изнесуваше 284 со стапка од 13,7/100.000.

Епидемиолошката состојба со туберкулоза во Македонија во 2016 година покрај намалениот број случаи бил карактеризиран и со следниве индикатори:

  • Стапката на смртност во 2016 е 1,1 или 23 лица кои се на постара возраст и со коморбидитети и е нешто незначително зголемена во однос на 2015 година кога изнесува 0,9/100000 население или 18 смртни случаи со туберкулоза.
  • Постепено се намалува и бројот на лицата кои повторно се разболуваат од туберкулоза и нивната процентуална застапеност од 15,2 % во 2011 година, во 2016 година се намалува на 8,6 % или 23 повторно лекувани случаи со туберкулоза наспроти 244 нови случаи (91,4%) од вкупно 267.
  • Во 2016 година регистрирани се 25 деца со туберкулоза или 5,8% од вкупно регистрираните со стапка 9,3/100 000 население, што е повисока во споредба со 2015 година кога беа регистрирани 14 деца болни од ТБ, кои претставуваат 4% од вкупниот број болни од ТБ.
  • Туберкулозата во Македонија сè уште е болест на младата популација, и во тек на изминатите години најмногу застапени беа лицата на возраст од 25-45 години. Во тек на 2015 година бележиме поместување кон постарата популација што претставува добар прогностички индикатор така што во 2016 најголем број од болните – 16,5% се на возраст над 65 години (44 лица) потоа следи возраста 25-34 години – 16,1% (43 лица).
  • Од туберкулоза сè уште почесто заболува машката популација: во 2016 година 169 болни ( 63,3 %) се од машкиот пол а 98 (36,7%) од женскиот пол.
  • Бројот на лицата болни од белодробната форма на туберкулоза, онаа која е инфективна и пренослива во околината е речиси константен во тек на последните години и се движи меѓу 76-77 %, а останатите случаи се болни со вонбелодробна форма на туберкулоза. Како и во 2015 година и во 2016 година бележиме намалување на вонбелодробните форми со туберкулоза кои изнесуваат 54 случаи или 20,2 %, а случаите со белодробна локализација на туберкулоза изнесуваат 213 или 79,8%.
  • Појавата на резистентни и (мултирезистентна-ТБ) МДР-ТБ случаи во Македонија е под контрола иако повремено се регистрираат варирања во бројот на откриените соеви на резистентни бактерии: сепак во 2016 година се бележи намалување и сега во Македонија се лекуваат само 2 случаи со мулирезистентна форма на ТБ (МДР-ТБ). Во 2016 година најдени се само 5 резистентни изолати од кои 3 со монорезистенција и 2 со МДР-ТБ. Во споредба со 2015 година откриени се 11 пациенти со резистентни изолати од кои 4 со МДР-ТБ, 6 со монорезистенција (резистенција кон еден лек) и 1 со РР ТБ (Рифампицин-резистентна ТБ).
  • Во Македонија во 2016 година нема регистрирано ХИВ+ лица меѓу болните од туберкулоза.

Одбележувањето на Светскиот ден за борба против туберкулозата е глобален настан, и негова цел е да ја подигне свесноста за оваа болест. Најважната цел е потенцирање на можностите за превенцијата и за контрола на туберкулозата која, иако може да се излекува, сè уште претставува епидемија од огромни размери во поголем дел од светот.

Според Светската здравствена организација, само минатата година 10.4 милиони луѓе биле заболени од туберкулоза.