Три години Критична Маса: Скопје – велосипедски град

Од стотици луѓе кои се појавија на првата „Критична маса“, до формирање на неформалното здружение „НаТочак“, три години подоцна, групата што го започна ова повикува на одбележување на третиот роденден.

Роденденот ќе се одбележи во среда (27 мај) во 17:30, а зборно место е паркингот пред Зоолошка градина.

„Гледаме дека низ Скопје има сѐ повеќе луѓе кои се на точак. Но нашата борба ни одблизу не е завршена. Треба уште многу да се работи за да дојдеме до ниво кое ќе биде прифатливо за сите. Ќе ја бараме инфраструктурата која ја заслужуваме! Проблеми има уште многу и затоа продолжуваме понатаму. Веќе нема враќање назад. Решени сме Скопје да го направиме вело град! Не чека уште многу работа“, велат од „Критичка маса“.

Ова здружение низ неколку акции се обиде да ја покрене јавната свест за користењето на велосипедот како превозно средство во главниот град, но и да ги подобри условите за возење.

„Организиравме десетици акции со кои реагиравме на многубројните проблеми од оваа област. Многу често наидувавме на пречки во институциите. Се изнаслушавме фрази од типот „може”, „ќе биде“, „ќе видиме“, „тешко тоа“, „невозможно“ и сл. но во ниеден момент не се откажавме. Крутоста и затвореноста на надлежните ги сфативме како предизвик за понатамошна борба. Продолживме со постојан притисок кон институциите. И ќе продолжиме!“, порачуваат членовите на „Критична маса“.

Тие потенцираат дека нивната борба не е завршена со оглед на тоа дека има уште многу проблеми. Според нив, треба уште многу да се работи за да се дојде до прифатливо ниво за сите. Тие најавија дека ке ја бараат инфраструктурата која ја заслужуваат, но за тоа побараа поддршка од граѓаните.