Третата изведба на „Трамвајот наречен копнеж“

Вчеравечер независниот театар Театра ја одигра третата изведба на својата петта по ред претстава, насловена „Трамвајот наречен копнеж“ по текст на Тенеси Вилијамс. Сместена во темната атмосферата на клубот Станица 26, оваа позната њуорлеанска приказна ја одигра актерската група составена од Васко Костовски, Ирена Илиевска, Ивана Атанасова, Марко Богдановски, Сема Муртеза, Столе Мицов, Јеткин Сезаир, Виктор Арсов, Талија Настова, Владанка Димковска и Кирил Андоновски.

Третата изведба на „Трамвајот наречен копнеж“

Режирана од Филип Петковски и Драгана Стојчевска, а продуцирана од Марија Зафирова, претставата вчера собра голем број љубители на независниот театар во Македонија и поддржувачи на потенцијалот кој Theatra го поседува.

„Трамвајот наречен копнеж“ раскажува за обичните луѓе и нивниот копнеж по подобро утре, испреплетувајќи многу невообичаени случајности, каприциозни однесувања и темни лавиринти во кои се кријат „искршените“ души на ликовите во претставата. Повторната средба на двете сестри, Стела и Бела, е само почеток на лавината пријатни и далеку побројни, непријатни настани кои следуваат. Во таа низа, ликовите на Стела, Бела, Мич и Стенли публиката ги виде „соголени“, ги почувствува раните на нивните срца кои тешкиот живот им ги направил. Билјана Стојкоска со својот моќен вокал и концентрирано сценско држење го донесе во Скопје сјајот на њуорлеанските клубови во 50. години од минатиот век, а Блажен Настевски, Драган Теодосиев и ФилипПетревски ја заокружија одличната музичка подлога на претставата.

Од технички аспект, добивме впечаток дека интерактивната сцена која им беше на располагање на актерите не беше до крај искористена. Деталите како тропотот на чевлите на Бела, врисоците на Стенли, ситните разговори меѓу маалските „фраери“ во локалното казино, престануваа во моментот кога актерите ќе излезеа од фокусот на публиката, заборавајќи на фактот дека токму продолжувањето на истите би го задржало нејзиното внимание многу подолго. Од друга страна, тргнувајќи од претпоставката дека употребата на скопскиот сленг е намерна поради олеснето допирање до публиката, не сме сигурни колку навистина беше така. Наместо очекуваните емотивни реакции на публиката на необично формулираните реплики, интересните игри со зборови и напнатите интерперсонални врски, громогласна смеа од присутните беше извлечена на првата употребена пцовка на сцената и неколкуте „фраерски“ изрази.

Посетеноста на вчерашната и на останатите претстави од репертоарот на Theatra покажува дека во Скопје има луѓе кои сакаат да му помогнат на театарот, да бидат публика. Затоа се за охрабрување и се чини дека треба да бидат уште подрски во прикажување на „фалинките“ во нашето опкружување, во предизвикувањето дискусии на болни теми, во градењето на идеалниот свет.

Јована Ѓорѓиовска