Трет интернационален танго маратон во Скопје

Третиот интернационален танго маратон „Маратангон“ во Скопје ќе биде отворен утре и ќе трае до 11 октомври. На него ќе настапат стотина танчери од земјата и светот, четворица странски танго диџеи, а ќе гостуваат претставници од повеќе танго школи од регионот.

„Маратангон“ се одржува во организација на Школата за танго Фамилија Тангови Скопје и првпат оваа година со поддршка на Амбасадата на Република Аргентина.

 

Тангото е само суб култура на еден поголем феномен – танго културата стара повеќе од 130 години, никната во Буенос Аирес во тешки социо-економски прилики и мешавина од култури, народи, стилови на музика, но со еден единствен печат, човечката душа и сите нејзини бои. Тангото е нестандардизиран танц, мешавина од елементи од повеќе танци, танц кој постојано се развива, надоградува и прима влијанија од новите модерни текови, но и од територијата која ја освојува.

Третиот по ред интерационален танго маратон во Скопје ќе се одвива на две локации, во МКЦ Клуб ресторанот и во хотелот „Порта“.