Трет ден камп пред Влада, „Протестирам“ во 6 на Школка

„Дојдовме и остануваме, до дефинитивниот пад на Груевски“, повторуваат камперите кои веќе трет ден спијат пред Владата. Музика , хуманитарен базар, говори, се дел од денечната програма во кампот.

До 16 часот присутните ќе можат да го погледнат хуманитарниот базар во кампот и да купат дел од производите изработени од вештите раце на занаетчиите. Од 16 до 18 часот е најавен турнит во табла и рекреативни активности.

Денеска пред присутните, после 18 часот, свои обраќања ќе имаат Радмила Шекеринска (политичарка), Жарко Трајаноски (активист за човекови права), Румена Бужаровска (универзитетска професорка), Томислав Кежаровски (новинар)и Васко Лазаревски (активист, паркобран). Модераторка на настанот е Ирена Ристиќ.

Вечерта е резервирана за музика со Игор Узунов, Leana Thaqi – Lea и Këpurdhat – Tetovë (Печурките – Тетово). Во 22:30 пак почнува проекцијата на филмот Белата панделка, на aвстрискиот режисер Михаел Хенеке.

Од движењето „Протестирам“ пак најавија дека излегуваат денеска во 6 часот попладне на Школката во Градски парк. Овде е најавена дискусија за понатамошните активности на ‪#‎Протестирам‬.