„Трчање“ за партијата или за државата, што е поважно во македонската политика?

Престојните локални избори уште еднаш покажауваат колку во Македонија се испреплетени државата и партијата и колку е тешко политичарите јасно да го раздвојат државниот, наспроти партискиот интерес.

Граѓаните на социјалните мрежи бурно реагираа на кандидатурата на Министерот за здравство Арбен Таравари за градоначалник на Гостивар, кој по само 100 дена се откажа од реформирање на јавното здравство за да „трча“ партиска кампања за локалните избори. Одлуката Таравари ја правдаше со тоа дека во моментов поважен е успехот на неговата политичка партија на локалните избори, отколку министерувањето.

Дел од корисниците на Твитер чинот го протолкуваа како несериозно поигрување со државните институции, посочувајќи дека партискиот интерес и натаму останува највисок приоритет во македонската политика.

Дебата покренаа и амбициите на истакнати пратеници во Собранието, кои или веќе официјално влегоа, или има најави дека ќе влезат во трка за градоначалничка фотелја.

Менување на државната функција со партиско дејствување е прашање на политичка култура, смета Андреја Стојковски од Центарот за европски стратегии – Евротинк, а за менување на таа култура треба да поминат повеќе изборни циклуси. Тој смета дека министрите не би требало да бидат кандидати за градоначалници, а доколку веќе се решат за такво нешто, фер би било да се откажат од функцијата, не само поради можноста од злоупотреби, туку повеќе затоа што државната задача треба да биде поважна од партиската.

„Очигледно за многумина партијата е поважна од државата, бидејќи гледаме дека прават отстапки секогаш кога станува збор за партијата. Тоа можеме да го поврземе со фактот дека многумина од овие кои добиле шанса да бидат избрани и именувани на некоја функција, тоа го добиле благодарение на својот ангажман во партијата, а не поради некој успех кој го постигнале. Се додека шансата се добива на тој начин, таквите личности ќе имаат поголема одговорност кон партијата, наместо кон државата“, вели Стојковски.

Во ситуација на партиска „заробеност“ на државата, крајната цел: да се добие власта – ги оправдува сите други активности кои партиите ги преземаат да ја задржат таа власт, вели политикологот Алберт Муслиу.

„Од крајот од кој доаѓам стотина луѓе лежат во затвор за насилство на изборниот ден, додека кај граѓаните се јавува оној горчлив вкус во устата кога знаат дека инструментализмот на целата таа злоупотреба на изборниот процес се уште е неказнива. Доколку владата успее да ја отстрани таа неказнивост, тоа ќе биде охрабрување за граѓаните да пријавуваат и да оневозможуваат нешто слично да се случува во иднина“, смета Муслиу.

„По прашањето на одвојување на државата од политичките партии новата власт има доволно примери за непочитување на овој принцип од минатото. И тоа што сакаме да го видиме во иднина е дека овој принцип може да се почитува и дека власта може поинаку да се практикува. Впрочем шансата е тука и сите ние заслужуваме да видиме еден поинаков пристап. Само така можеме да дојдеме до концептот на слободни и фер избори“, вели Дарко Алексов, од граѓанската асоцијација МОСТ, која организираше конференција на која се дискутираше на овие теми.

Експертите се едногласни дека досега декларираната политичка волја за решавање на проблемите на партизираноста на државата не е доволна, бидејќи во праксата секогаш недостасувале вистински механизми и активности со кои реално би се избегнувале злоупотребите.

Универзитетската професорка Беса Арифи смета дека иако проблемот на одвојувањето на партијата од државата изгледа апстрактно, тој е суштинска причина за губење на линијата помеѓу демократското и авторитарното владеење.

„Во случај кога државата и институциите се нарекуваат „заробени“ и каде најрелевантните меѓународни извештаи укажуваат дека нема поделба меѓу државата и партијата на власт, тогаш сите членови на Уставот кои се суштината на демократското владеење остануваат мртво слово на хартија“, потенцираше таа.

Во владиниот акциски план „3-6-9“ се предвидени повеќе заштитни мерки за одвојувањето на партијата од државата. Од механизми против заплашување и притисок врз администрацијата, до оневозможување на злоупотреба на државни ресурси во партиски цели, подвлече премиерот Зоран Заев, најавувајќи дека нема да се толерира злоупотреба на јавните ресурси за партиски цели.

„Одвојувањето на државата од партијата е даден збор и стратешка определба. Ве уверувам дека Владата која ја предводам ќе ги заштити граѓаните и државата од партиските влијанија. Тоа е обврска од договорот во Пржино, препорака на извештаите на ОБСЕ и ОДИХР, барање на домашните набљудувачи, но пред се е очекување на граѓаните на Македонија“, изјави Заев, кој ги повика граѓаните да бидат активни и со свои предлози да придонесат за фер и регуларен изборен процес.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, ја нагласи важноста на раздвојувањето на партијата и државата како клучно за овозможување рамноправен терен за сите политички партии, како и за заштита на граѓаните од партиско-политички притисоци. Според него, целосното имплементирање на најавените реформи може да создадат повисоки стандарди за сите следни избори.

На минатогодишната анкета за јавниот морал скоро 40% од граѓаните изјавиле дека луѓето партиски вработени во институциите, треба на некој начин да ја вратат услугата на партијата, додека на последната анкета на ИРИ, 77% од испитаниците изјавиле дека за вработување во јавната администрација или владините институции е неопходна партиска книшка.

Револтот на граѓаните од таквата атмосфера во земјата се рефлектира и во саркастичниот твит на @kakarottosa


Даниел Евросимоски