„Трамп не е добредојден“ – активисти поставија банер против американскиот претседател

Швајцарски активисти поставија банер кој вели дека американскиот претседател Доналд Трамп „не е добредојден“. Тие го поставија на планина во пресрет на доаѓањето на претседателот на самитот во Давос.

Трамп пристигна вчера наутро за да присуствува на Светскиот економски форум.

Швајцарската група „Кампакс“ што го постави банерот претставува независна група активисти кои велат дека се борат за фер и зелена економија, како и за општество кое се заснова на солидарност и сочувство.

На нивната веб-страница групата напиша дека иако банерот не е поставен во Давос, тие се надеваат дека Трамп ќе ја прими нивната порака.

Активистите го критикуваат Трамп велејќи дека тој се „залага за расизам, исламофобија, анти-семитизам, сексизам, непријателство кон жените, војување, негирање на климатските промени, напади врз човековите права и политика која ја продлабочува сиромаштијата и нееднаквоста“.

Трамп, пак, изјави дека ќе ја донесе пораката за „мир и просперитет“ на форумот. Тој е првиот актуелен претседател кој присуствува на самитот во Давос, покрај претседателот Клинтон во 2000 година.