Торино ќе стане првиот вегетаријански град во Италија

Новата градоначалничка на Торино, Кјара Апендино, вети дека ќе го претвори во прв вегетаријански град во Италија, промовирајќи вегетаријанска и веганска исхрана како „приоритет“. Целта за тоа, вели таа, е да се заштитат околината, здравјето на луѓето и животните.

Апендино има растечка популарност како дел од Движењето на петте ѕвезди, анти-естаблишмент политичка група, чиј лидер е поранешен телевизиски комичар. Партијата победи на неколку места на локалните избори низ Италија.

Апендино беше избрана за градоначалник на Торино во јуни, со 55 посто од гласовите – изненадувачки резултат после 23 години владеење на левичарски градоначалници во градот.

Движењето на петте ѕвездички е основано во 2009 година, како протестна партија, од страна на комичарот и активист Бепе Грило.

Популистичкото, антикорупциско движење е познато по еколошките вредности, но се и евроскептици и имаат променлив став во однос на мигрантите.

Торино, освен што е позната зимска дестинација, е и дом на голем број традиционални месни рецепти, како болито мисто, чорба со телешко, говедско, колбаси и пилешко.

Но, вкусот на градот полека се менува: сега има повеќе од 30 вегански и вегетаријански ресторани во Торино.