Тинејџерка од Кенија разви апликација за донирање органи, поттикната од смртта на чичко ѝ

Каролин Вамбуи го изгубила својот чичко во 2014 година, откако бубрезите му откажале и не успеале навреме да најдат донатор. Никој во нејзиното семејство не одговарал за да донира бубрег, а Кенија, како и многу други африкански земји, нема официјална државна програма за прераспределба на донации на органи. Донирањето на органи таму сѐ уште е табу.

Во меѓувреме, луѓе како чичко ѝ на Каролин умираат непотребно, или се принудени да бараат спас на нелегалните и небезбедни црни пазари на органи, кои се појавиле поради неефикасниот здравствен систем во државата.

Откако Каролин го изгубила чичко си, научила да користи компјутери и да програми, што довело до тоа да развие апликација која ќе помогне болните во потрага по орган да најдат донатор на легален начин, именувана Life Pocket.

Апликацијата ги поврзува пациентите со донаторите, и докторите со други болници. Сите имаат можност да се регистрираат на платформата, со цел да се поврзат на начин кој досега не бил возможен. Моментално се тестира во неколку болници низ државата, а во октомври треба да се лансира во целата држава.

Каролин вели дека освен основната цел, со Life Pocket сака и да ја зголеми свесноста за донирањето на органи и да спречи тоа да биде табу. „Апликацијата има можност која ги содржи сите органи, каде човек може да научи повеќе за донирањето и за тоа дали би имало негативен ефект на здравјето на донаторот. Има и форум, каде различни донатори и приматели можат да разговараат со доктори од различна експертска област“, додава.

Вели дека не може да дочека апликацијата да биде комплетно пуштена во употреба, и се надева дека ќе спречи други луѓе да поминуваат низ истото искуство како нејзиниот чичко.