Тин Кампл, НМСС: Потребно ни е цврсто граѓанско општество што се бори против нееднаквостите

Националниот младински совет во Словенија е чадор организација на 40 други младински организации. За разлика од Македонија, словенечкиот совет е признат од властите и неговите претставници активно учествуваат во прашањата што ја засегаат младата популаицја. Но, според Тин Кампл, ова не би било возможно без силно граѓанско јадро, кое треба да се бори против сите неправди и нееднаквости во општеството.

Тој беше дел од говорниците на конференцијата, организирана од НМСМ, а посветена на невработеноста кај младите и начините на кои може да се подобрат нивните услови, во Македонија и регионот. Радио МОФ накратко зборуваше со него на неколку теми, за што може да прочитате во продолжение.

Неодамнешните статистики покажаа дека речиси половина од младината во Македонија е невработена. Што може да се направи за да се реши овој проблем?

Првиот чекор на патот за решавање на проблемот со невработеноста кај младите, се сигурно ваквите настани. Мора заеднички да седнеме на маса, да соработуваме со сите засегнати страни, на кои младинските организации им се клучен партнер. Ние знаеме како да ги инволвираме младите во процесите на донесување на одлуки, па министерствата и институциите, компаниите и слично, мора да соработуваат со младите луѓе, младинските организации, да им ги поставуваат вистинските прашања и да ги добиваат вистинските одговори.

Како што спомнавте, има голем потенцијал, има заеднички поврзаности, особено поради нашата историја и ние мораме да внимаваме на овие можности и да ги искористиме. Ние се соочуваме со разни предизвици и промени на пазарот на трудот со нови работни места, особено преку дигитализацијата во развој. Така што, мораме да ги согледаме овие можности и да најдеме нови работи за младите луѓе.

Словенија е дел од ЕУ, додека Македонија сè уште е кандидат за влез. Што е она што Унијата им го пружи на младите?

Важен инструмент за Словенија, како членка на ЕУ, секако е програмата за младинска гаранција. Повеќе европски фондови, како Европскиот социјален фонд, претставуваат можност за создавање мерки за младинската вработеност. Јас на ова гледам како на огромна шанса, не само за Словенија, туку и за Македонија, како таа може да го реши проблемот со невработеноста во државата.

Неодамна, главна тема во регионот се негативните кампањи против граѓанскиот сектор, процес кој започна и во Македонија, против организациите финансирани од фондацијата на Џорџ Сорос. Како го коментирате ова?

Кога зборуваме за граѓанско општество, за невладините организации, мораме да сфатиме дека тие се важен дел од општеството и системот, бидејќи кога системот не работи како што треба, најчесто, невладините организации се тие кои ги поправаат проблемите. Затоа е потребно да имаме силно граѓанско општество, јаки невладини организации кои ќе се борат со нееднаквостите во државата.

Но, веројатно таа улога на коректор е главната причина поради која владата се спротивставува на невладините. Како гледате на тоа од држава каде не се соочувате со таков проблем?

Граѓанското општество е важна контратежа на државните лидери, но кога станува збор за високо политичко прашање за државата, тие исто така, сакаат соработка со граѓанското прашање. Па, ако сакаме да имаме здраво општество, висока политичка култура, мораме да инвестираме во граѓанското општество за да ја постигнеме таа рамнотежа помеѓу државата и нејзините граѓани.

Како словенскиот Национален младински совет функционира?

Советот соединува 40 членки-организации и ние сме признати од законодавството како прв субјект кој се бори за интересите и правата на младите луѓе. Ние сме важна засегната страна и соработуваме со министерствата и парламентот. Ние соработуваме на локално, државно и на интернационално ниво.

Каков е односот на властите кон Вас, како сегмент во политичкиот дискурс?

Како што спомнав, ние сме признати од законот, како прв партнер кога се зборува за младински прашања. Министерствата нè препознаваат, се консултираат со нас, но да, тоа се разликува од прашање до прашање.

Изминативе години се случија многу протести, активизам, а младите беа изворот на промени во светот и регионот. Според Вас, како младите луѓе може да влијаат при разјаснување на вистинските прашања, а не да бидат само вплеткани во некаква политичка игра?

Младите луѓе ги оправдаа очекувањата на другите генерации. Ова е генерацијата што ќе биде главен извор на развојот на нашето општество и иднината. Ние мораме да ги слушаме младите луѓе, мораме да се посветиме на генерациската соработка и солидарност. Понекогаш ова е многу тешко, но младите мора да бидат гласни, мора да протестираат ако тоа е потребно, особено тие мора да излегуваат кога има избори и да ги одберат партиите кои најмногу се грижат за нивните потреби. Тоа е тешко, бидејќи интересите на младите се различни, исто така нивото на вклученост е различно, така што мора да бидеме трпеливи, да го чекаме вистинскиот момент и тогаш да се изразиме себеси на најдобриот начин.

Даниел Евросимоски