Тимот СВИФТ е македонскиот победник на предизвикот на НАСА

Тимот СВИФТ, составен од Александар Момироски, Борче Ангелов, Јаков Докузов, Павел Ѓорговски и Дамјан Постоловски, е најдобриот македонски тим на предизвикот на НАСА.

Победничкиот тим беше избран од страна на жири комисија составена од институции и компании поддржувачи на натпреварот, претставници на НАСА и онлајн гласовите од публиката.

Тие оваа есен ќе патуваат во Вселенската станица „Кенеди“ во Флорида, каде ќе проследат полетување на вселенско летало, но и ќе го презентираат своето решение пред претставници на НАСА и потенцијални инвеститори.

Карактеристично за натпреварот оваа година е тоа што трите тимови финалисти се составени од средношколци матуранти. Сите три тимови и понатаму остануваат во конкуренција на глобално ниво каде победниците ќе бидат објавени на почетокот на месец јуни.

Победничкиот тим СВИФТ креираа решение кое ќе помогне во оптимизација на работата на соларните панели и ќе мотивира што повеќе домаќинства да ги користат. Решението овозможува прибирање на податоци од соларни сензори и нивно искористување за прецизно пресметување на заштедите и бенефитите за Земјата.

Решението креирано од Тимот Делта ќе помогне во рана детекција и брзо информирање за евентуални пожари што е критично за навремена и ефективна реакција и успешно гаснење на пожарите. Со платформата креирана од овој тим дури и случаен минувач ќе може да пријави пожар.

Тимот Нумеро уно креираа видео во кое ги презентираа убавините на планетата Земја и со кое сакаат да мотивираат што повеќе луѓе преку согледување на диверзитет и убавините на нашата планета да ги прифатат и вреднуваат своите разлики и да се фокусираат на работите што не обединуваат.

Годинава се одржа петтото, јубилејно, издание на NASA Space Apps Challenge во Македонија. За наградата од Македонија се натпреваруваа 26 тимови составени од програмери, инженери, дизајнери, истражувачи, иноватори и претприемачи кои заеднички работеа на креирање решенија за проблемите со кои се соочува земјата и вселената, со поддршка и совети од експерти од компаниите поддржувачи на овој настан како телекомуникацискиот оператор Вип, TAV Information Technologies, Агенцијата за електронски комуникации, Нетцетера и ФХ3Х.

На 22 јуни 2017 година, за време на Paris Air Show, Њуменс бизнис акцелераторот и Европската вселенска агенција ќе го објават и стартот на соработката за организирање на натпревари за иновации и вселенски технологии во 15 градови на територија на САД и секако во Македонија со почеток од 2018 година.