Тим Бернерс-Ли за иднината на интернетот: „Системот потфрла“

Оптимизмот на Сер Тим Бернерс-Ли за иднината на интернетот почнува да венее наспроти „валканата бура“ од проблеми. Меѓу нив се и опаѓањето на неутралноста на интернет и заштитата, порастот на лажните вести, пропагандата и растечката поларизација на интернет.

Човекот кој го измисли интернетот секогаш тврдел дека неговата реакција е одраз на човештвото – лошото, доброто и грдото. Но, визијата на Бернерс-Ли за „отворена платформа која им овозможува на сите да споделуваат информации, да пристапат до можности и да соработуваат преку географските граници“, е предизвикана од сè помоќните дигитални „чувари на портата“, чии алгоритми може да бидат вооружени од големите манипулатори.

„Сè уште сум оптимист, но оптимист кој стои на врвот на рид додека лоша бура му дува во лице, а се држи само на една ограда“, вели британскиот компјутерски научник.

„Мора да стегнеме заби и да се држиме до таа ограда, и да не земаме здраво за готово дека интернетот ќе нè однесе до прекрасни нешта“, додава тој.

Ширењето на дезинформации и пропаганда на интернет експлодираше делумно поради начинот на кој системите за рекламирање на огромните дигитални платформи, како Гугл и Фејсбук, е дизајниран за да го задржи вниманието на луѓето.

„Луѓето се дезориентирани од многу фино истренирани системи со вештачка интелигенција, кои наоѓаат начин како да им го свртат вниманието“, смета Бернерс-Ли.

Во некои случаи, овие платформи им нудат на корисниците кои создаваат содржина дел од заработките од рекламите. Финансискиот мотив, пишува Гардијан, доведе македонски тинејџери со „никаква политичка придобивка во играта“ да генерираат политички „кликбејт“  лажни вести кои ги дистрибуираа на Фејсбук, а заработуваа од автоматската програма за рекламирање на Гугл, АдСенс.

„Системот потфрла. Начинот на кој заработката од реклами работи со „кликбејт“ објавите не ја исполнува целта да му служи на човештвото и да промовира вистина и демократија. Затоа сум загрижен“, вели Бернерс-Ли, кој во март повика на регулација на онлајн политичкото рекламирање за да се спречи да се користи на „неетички начини“.

Оттогаш беше откриено дека руски оперативци купиле микро-таргетирани политички реклами кои целат кон американските вгласачи на Фејсбук, Гугл и Твитер. Фирми за анализа на податоци, како Кембриџ Аналитика, кои градат карактерни профили на милиони индивидуи за да ги манипулираат преку „бихејвиорално микро-целење“, исто така се критикувани што создале „вооружена пропаганда со вештачка интелигенција“.

„Ги имаме овие мрачни реклами кои ме целат и манипулираат,а потоа ги снемува, бидејќи не можам да ги „букмаркирам“. Тоа не е демократија – тоа е ставање на оние селектираните во рацете на најманипулативните компании кои постојат“, вели Бернерс-Ли.

Сепак, мисли дека не е предоцна да се променат нештата, доколку луѓето го предизвикаат статус квото.

„Толку сме навикнати овие системи да не манипулираат, што луѓето почнуваат да мислат дека интернетот едноставна така функционира. Треба да разговараме за тоа каков треба да биде“, додава научникот.

„Еден од проблемите со климатските промени е да се натераат луѓето да сфатат дека се антропогенски – предизвикани од човештвото. Истиот проблем е и со социјалните мрежи – направени се од човекот. Ако не служат на човештвото, можат и треба да бидат променети“.

Ќе стане ли состојбата полоша, пред да биде подобра? „Веќе стана полоша“, вели тој, алудирајќи на потфрлувањата во ерата на Обама да се обезбеди интернет неутралност.

Интернет неутралност, често опишувана како „првиот амандман на интернетот“, е идејата дека интернет провајдерите треба да ги третираат податоците на сите луѓе еднакво – без оглед на тоа дали податоците се состојат од мејл од баба им, епизода од Stranger Things на Нетфликс, или банковна трансакција.Обезбедува дека операторот кој го снабдува интернетот, нема да избира кои податоци ќе се испраќаат побрзо и кои сајтови се блокирани или закочени, врз основа на тоа кои создавачи на содржина плаќаат средства за промоција.

Бернерс-Ли, кој е во Вашингтон да побара од законодавците на САД да ги променат законските мерки, смета дека неутралност на интернет не постои и интернет провајдерите често ја злоупотребуваат нивната позиција.

„Кога ја измислив мрежата, не требаше да побарам дозвола од Винт Церф (познат како „таткото на интернетот“) да користам интернет“, вели тој.

Овие моќни компании, додава, го контролираат пристапот до интернет и претставуваат закана за иновацијата, ако ги избираат победниците и губитниците преку закочување или блокирање на сервисите.

„Гасот е добро, како и чистата вода. Така треба да биде и пристапот до поврзаност“, вели Бернерс-Ли. „Сега е дел од животот и не треба да постои став за што го користите – исто како и водата“.