The Unsent Project – изложба на пораки до првата љубов кои никогаш не биле испратени

Каква порака би ѝ испратиле на вашата прва љубов, ако имавте храброст да стапите во контакт со неа неочекувано? Уменицата Rora Blue од Калифорнија сака да дознае.

Blue, која има 19 години, сака волонтери кои сакаат да учествуваат во изложбата да ја напишат својата порака и да ѝ дозволат да ја изложи на креативната изложба именувана The Unsent Project.

Blue досега има голема колекција на тектуални пораки, кои луѓе од сите страни на светот ги објавиле анонимно.

Сите пораки се основани на порака која вели „Напишете го името на вашата прва љубов и напишете што би сакале да им кажете кога би им пратиле порака. Вклучете ја и бојата на која помислувате кога мислите на вашата прва љубов“.

„Го започнав проектот како начин луѓето да се поврзат едни со други“, вели Blue за Mashable. „Сметам дека ова е концепт во кој многу луѓе можат да се пронајдат и сакав да најдам решение на уметнички начин да ја претставам љубовта“.

Blue ги искористила првите 2000 пораки кои ѝ биле испратени да создаде огромен колаж во Сакраменто, Калифорнија.

Од таа прва уметничка инсталација до денес, има добиено повеќе од 25000 нови пораки, кои ги објавува секој ден на нејзиниот блог. Планира да направи уште неколку колажи.

„Мојот сон е да напишам книга, или книги, за The Unsent Project. Многу би сакала и да одам на турнеја низ САД со мојата колекција на колажи“, вели. „Да се стои до неиспратените пораки и да се читаат е вистинско доживување. Мојот сон е да го споделам тоа доживување со луѓето низ целата земја, можеби и светот“.

За проектот во последно време пишуваат доста медиуми, што придонело за наплив од пораки кои Blue ги објавува на нејзината веб страница и ги додава во колажите.

Заинтересирана е и да започне дијалог меѓу луѓето од разни националности, земји и раси кои ѝ праќаат пораки, бидејќи „изгубената љубов е универзален јазик“.

„Се надевам дека овој проект ќе охрабри отворена комуникација меѓу луѓето. Знам дека има многу луѓе во светов со скршено срце, кои се чувствуваат навистина сами“, вели Blue.

„The Unsent Project ми покажа мене, но и на многу други, дека секогаш има уште некој кој ве разбира. Се надевам дека луѓето ќе се охрабрат да споделат добрина со оние кои се во болка и конечно ќе се охрабрат да ги пратат нивните неиспратени пораки“.