Тешка ноќ во Истанбул, Ердоган го одложува проектот во паркот Гези

Турскиот премиер, Реџеп Таип Ердоган се повлече од идејата за „конечна конфронтација“ со демонстрантите за ставање крај на протестите кои траат повеќе од две недели во Истанбул и поголемите турски градови. Наместо тоа, премиерот Ердоган доцна синоќа ги прими претставниците на демонстрантите и изјави дека ќе ја запре планираната изградба на трговскиот центар во Паркот Гези, се додека судот не донесе одлука за нејзината легалност или евентуален референдум за ова прашање.

Ова е пресметан политички потег и чекор против ескалирање на насилствата во Турција, ги пренесува Гардијан мислењата на аналитичарите.

Тешка ноќ во Истанбул, Ердоган го одложува проектот во паркот Гези

Токму сечењето на 600 дрвја од паркот Гези беше  непосреден повод за најголемите антивладини протести во Турција последниве децении. Синоќа атмосферата на плоштадот Таксим  била тензична. Како што пишува студентот Кан Окар на својот Фејсбук профил, демонстрантите  биле подготвени за најлошото поради најавите дека премиерот Ердоган ќе им стави крај на протестите.

„Отидов во паркот Гези подготвен за најлошото. За прв пат во неколку недели, многу од нас чувствуваа дека навистина сме во опасност и, да бидам искрен, имаше страв и во моето срце како што одев нагоре кон Таксим. Ги видов на Твитер барикадите од полициски автобуси паркирани зад културниот центар Ататурк. Премиерот изјави дека паркот ќе го расчисти од нас. Гувернерот на Истанбул ги предупреди родителите да ги тргнат своите деца подалеку од протестите, бидејќи тој веќе не може да ја гарантира нивната безбедност. Првпат во Гези беше тивко, без вообичаените концерти и музика која претходно ечеше на сите страни“, сведочи Окар.

Тешка ноќ во Истанбул, Ердоган го одложува проектот во паркот Гези

Петмина загинати и над педесет илјади повредени е билансот од досегашните протести во Турција. Демонстрантите, освен зачувување на паркот, јасно им ставија на знање на властите дека се противат на исламизацијата на регионот и намалувањето на слободите во Турција.

Ова не е добро за нас, вели 30-годишната Ѓозде Секин од Истанбул за Радио МОФ.

Владата ги продава јавните простори на странските компании да заработат пари, на компаниите кои се сопственост на нивни пријатели и роднини. Последнава деценија се изградија џамии на секој чекор, се забрани точење алкохол помеѓу 22 и 6 часот. Сите оние кои имаат спротивно мислење од власта трпат притисок. Турскиот народ молчеше, но последните протести покажаа дека ревилтот расте, а младите имаат поинаква визија за Турција“, објаснува Секин.

Во меѓувреме светот и развиените држави застанаа во одбрана на барањата на демонстрантите. Неколку дена по почетокот на протестите во Турција, истовремено со собирите во повеќе метрополи во светот и во  Скопје, повеќе млади луѓе се собраа пред Турската Амбасада за да им дадат поддршка на младите во Турција.

На ова се спротивставија неистомислениците. Така денеска во Гостивар, повеќе турски здруженија од Балканот најавија голем собир, овојпат за поддршка на турскиот премиер Ердоган со кј сакаат да покажат дека се против демонстрантите и протестите во Турција.

Ј.Ј.