Тензично и многу полиција – протестот за оставка на Иванов заврши пред Влада

Откако граѓаните кои беа излезени на протест пред штабот на ВМРО ДПМНЕ беа истиснати на улица од полицијата, која не им дозволи да се приближат кон зградата, се упатија кон Владата на Македонија. Таму, во помал број, продолжија со мирен протест, по што си заминаа. Местото го напуштија и полицијата и оклопните возила.

Протестот кој започна мирно пред Собранието во 18 часот, продолжи кон штабот на владејачката партија. Таму веќе беа мобилизирани голем број полицајци и оклопни возила. Дел од протестантите гаѓаа кон полицијата со факели, шишиња и камења, поради што полицискиот кордон беше поместен кон улицата и ја оддалечи толпата од зградата на ВМРО ДПМНЕ.

Во неколку наврати дојде до пресметка меѓу протестантите и полицијата, но мнозинството од присутните на протестот со кренати раце им покажаа на полицајците дека протестираат мирно и не сакаат да дојде до насилство.

Протестот беше тензичен, но релативно мирен бидејќи не дојде до поголем инцидент. Забележливо беше силното полициско обезбедување, но и присуството на водени топови и оклопни возила.

Во меѓувреме, #Протестирам објавија дека приведените граѓани на синоќешниот протест се пуштени на слобода.

Со вечерашниот протест поддржан и од 84 граѓански организации, активисти и граѓани побараа оставка од претседателот, ослободување на вчера приведените демонстранти, отпочнување процес за избор на експертска влада, но и запирање на процесот за распишување парламентарни избори.

Демонстрантите најавуваат дека протестите продолжуваат, секој ден во 18:00 часот.

Инаку и вечерва, истовремено беше организиран контра-протест на приврзаниците на власта кои предводени од ГДОМ (Граѓанско движење за одбрана на Македонија) се собраа пред седиштето на СДСМ.

С.Т.