Тендерот поништен, нема фигаро за радовишките административки за 8 Март

Радовишкиот градоначалник се откажа од идејата на жените вработени во општинската администрација да им подари фигаро за коса за 8 Март, а со пари од општината.

По реакцијата на социјалните мрежи и бројните критики, тендерот објавен на страницата на Бирото за јавни набавки е поништен еден ден откако беше објавен. Таму пишува дека тендерот се поништува бидејќи „поради непредвидени и објективни околности се промениле потребите на договорниот орган“.

Според првичниот план општината требаше да набави 45 производи за нега на коса – фигаро, наменети како подароци за Денот на жената 8 Март за потребите на Општина Радовиш. Проценета вредност на набавката, без ДДВ беше 42.300 денари.