Телефоните на преклопување се враќаат во мода

Моделот RAZR на Моторола се сметаше за модна икона и крал на телефоните на преклопување, со продажба од 130 милиони примероци во светот. Сега се враќа и може да го замени Ајфонот, кому му минува модата, пишува Метро.

Новиот сопственик на Моторола, кој е всушност сопственик и на компанијата Леново, го ветува новиот RAZR следниот месец, кој „ќе потсети на минатите денови на овој телефон и ќе се подготви за иднината“.

Новиот телефон ќе работи на Андроид, и ќе се приклучи на останатите телефони на преклопување, покрај оние на Самсунг и на други компании. Аналитичарите предвидуваат повторно раѓање на трендот на телефони со преклоп.

Новиот модел се очекува да задржи слична форма на оригиналот, само со екран осетлив на допир и Андроид оперативен систем.

Голем број славни личности се уште користат телефони на преклопување, што придонесе за нивно повторно масовно користење во Јапонија. Аналитичарите сметаат дека ова враќање на телефонот се должи делумно на постарите корисници кои не ги сакаат карактеристиките на паметните телефони. Тие веруваат дека Западна Европа би можела да биде следен регион каде ќе се вратат телефоните на преклопување.