TEDx настани во Македонија – место за споделување на визионерските идеи и глобални трендови

Која е иднината на транспортот, како би изгледал животот на Марс, што би се случило ако целосно ја  испревртиме училницата и сегашниот концепт на образование? TEDxSeptemvriskaSesijaSalon годинава трагаше по одговори на овие, но и многу слични прашања што треба да ги предизвикаат луѓето да излезат од воспоставените шеми на размислување и да погледнат подалеку од носот.

Имено, TED e непрофитна организација посветена на ширење на идеи, обично во форма на кратки, моќни говори која започнува во 1984 година како конференција со идеја да ги обедини темите –  технологија, забава и дизајн. Низ годините овој спектар на теми се шири од наука до бизнис, општествени, социјални и глобални прашања, на повеќе од 100 јазици. Александар Лазовски, носител на лиценца и проектен менаџер за Радио МОФ ја раскажува приказната за независно организираните TEDx настани , како македонскиот, кои помагаат да се споделат идеите и да се откријат нови локални идеи.

„Тука влегуваат и нашите TEDxSeptemvriskSesijaSalon настани кои беа искрено инспирирани од фрустираноста на една помала група на активисти кои немаа каде и со кого да зборуваат за визионерски идеи и глобални трендови. Нашата љубов кон TED говорите не инспирираше помалку и на шега да седнеме и аплицираме за лиценца. Набрзо потоа, откако добивме позитивен одговор го комплетиравме и концептот за нашите настани“, се потсетува Лазовски на почетоците.

Останатото, вели е историја. Почнале со тројца волонтери, а во моментов имаат тим со повеќе од 15 членови. Зад нив стои организација на повеќе од 18 настани и тоа на теми како климатски промени, социјални иновации, технологијата како решавач на најголемите човекови предизвици, архитектура, живееење среќен живот како предизвик на модерното време но и трансхуманизам и неохуманост, Марс, јавни услуги и споделување возила.

Искрено, кога почнавме со настаните не бевме ниту ние сигурни дали ќе има доволно интерес за работите за кои сакавме да зборуваме. Но, ваквата перцепција сосема ни се промени по отварањето на апликациите за првиот настан Дали формалниот образовен систем ја убива креативноста кај младите луѓе?” на кој за понудените 30 места за учесници добивме повеќе од 200 апликации. Меѓутоа, нам многу поважно ни е што сите учесници кои биле на настаните биле навистина таму да споделуваат идеи и биле индвидуи кои навистина сакаат да разменат мислења и да зборуваат за промени и акција“, вели Лазовски.

Работат волонтерски. Себе си се гледаат како млади луѓе кои сакаат да го унапредат општеството.

„Главниот критериум за тоа кои ќе се темите е импактот врз македонското општество или со други зборови Колку ова во моментов е потребно да се зборува во Македонија, како и воопшто, колку темата е тренд и актуелна/релевантна во моментот на светско ниво“, објаснува Лазовски.

Годинава во план им е да одржат 7 TEDx настани од кои шест јавни, под името TEDxSeptemvriskaSesijaSalon.

„Генералниот заклучок е дека има феноменални модели и успешни приказни од странство кои со внимателно редизајнирање и приспособување на Македонија би можеле драстично да ги подобрат  моменталните предизвици“, смета Лазовски.

Задоволни се од овогодинешниот интерес и најавуваат дека преку последниот настан за оваа сезона “The mind: An ever challenging puzzle” ќе тестираат колку во Македонија има потенцијал и интерес за дискутирање малку по неконцизни теми како за човековиот ум, патувања, мотивација, интровертност.

„ Доколку се помине како што треба, во 2018 би требало за првпат да организираме конференција за што сме многу возбудени“, открива Лазовски.

Главниот медиум преку кој комуницираат е Facebook, активни се на Twitter, а лиценците за идните TEDxSeptemvriskaSesijaSalon настани може да се најдат на официјалната мапа со TEDx настани. Следниот настан е најавен за 25 октомври, на тема „Education: Flipped Classroom”.