Театарот „Керемпух“ од Загреб со две претстави гостува во „Драмски“

На 2 и 3 февруари гостин на Драмскиот театар од Скопје ќе биде Театарот „Керемпух“ од Загреб со претставите „Јазовец во Керемпух“  и „Да живее Хармс! Чудата постојат“.

Во понеделник, на 2 февруари со почеток во 20:00 часот ќе се игра претставата „Јазовец во Керемпух“, авторски проект на актуелниот хрватски режисер Оливер Фрљиќ. Ова е хит претстава на театарот „Керемпух“, каде актерски и тематски се многу умешно споени четири стенд-ап настапи. Претставата освојува со вистинита и умна сатира, збогатена со брилијантни актерски остварувања, кои гарантираат извонредно забавна вечер со гостите од Загреб. Во претставата играат: Хрвоје Кечкеш, Вилим Матула, Борко Периќ и Ракан Рушаидат.

Во вторник пак, на 3 февруари во 20:00 часот, за прв пат во Македонија ќе биде одиграна претставата на македонскиот режисер Александар Поповски „Да живее Хармс! Чудата постојат“. Ова е претстава која прашањата на апсурдот, пародијата и на хуморот воопшто не ги третира еднодимензионално, вкалапено и предвидливо, возбудлив театар кој се впушта во ризик, во своевидна авантура, театар кој произведува неочекувани резултати. Во претставата „Да живее Хармс! Чудата постојат“ играат: Линда Бегоња, Иван Ѓуричиќ, Тарик Филиповиќ, Хрвоје Кечкеш, Лука Петрушиќ, Маја Посавец, Ракан Рушаидат, Бранка Трлин и Миа Аночиќ Валентиќ.

Билетите за ова гостување се пуштени во продажба. Цената на билетот изнесува 299 денари.