Таксират се приклучува кон светската кампања за борба против ХИВ/СИД со бесплатни концерти

Таксират Фестивал во рамките на своите активности за подигање на јавната свест и промоција на позитивните вредности и годинава се приклучува кон светската кампања за борба против ХИВ/СИДА, организирајќи го настанот на 1 декември, посветен на Светскиот ден на СИДА. Настанот е дел од Националната кампања за борба против ХИВ/СИДА поддржана од страна на Светската Здравствена Организација и ќе се одвива под мотото „Шизици, уживајте без ризици – Тестирај се, заштити се, не дискриминирај”.

Овој настан ќе се одржи во МКЦ, Скопје и со бесплатен влез за сите посетители, а е замислен како збир на повеќе активности и содржини кои ја третираат оваа тема на различни начини, со цел подигање на јавната свест.

По овој повод во Скопје повторно ни доаѓа познатата белградската хип-хоп тројка BAD COPY, сочинета од контроверзните Sky Wikluh, Timbe и Ajs Nigrutin, творци на некои од најхумористичните рими на овие простори.

Со свој концерт овој настан ќе го збогати и македонскиот артист LEPI XHONI(Лепи Џони), соло-проектот зад кој се се крие Љупа Ангелов и неговите нераскажани приказни во својот матичен бенд, психоделичните сурф-диско-панк рокери The John. Љупа овојпат настапува сам со својата гитара и примитивната loop-машина, раскажувајќи ги сировите и искрени скопски приказни во неговиот карактеристичен стил на комбинирање на изворниот гаражен рокенрол од шеесеттите/седумдесеттите и оригиналната модерна скопска трубадурска поезија.

Покрај нив, во музичката програма на настанот со свој DJ сет ќе се претстави и Соња Исмаил.

За време на настанот, во Киното Фросина ќе бидат одржани и проекции на филмовите: „Кога облаците пукаат ” на Кумјана Новакова, „Welcome to Pokrov”, на А. Њувит Бингол,   „Здраво кукло” и „Плукни во шприцот” на А. Њувит Бингол и  за прв пат ќе се промовира неговиот „The Path to Solution”.

Во фоајето на МКЦ пак, ќе биде одржана изложба на овогодинешниот „Twitter календар”.