Таксират меѓу 10-те најдобри фестивали во Европа во категоријата „Најдобар фестивал на затворено“

Таксират фестивал е изгласан од страна на фестивалската публика за еден од најдобрите европски фестивали  во категоријата „Најдобар фестивал во затворен простор“, во рамки на European Festival Awards, најпрестижното европско фестивалско признание.

Таксират се најде во друштво со фестивалите како „Reeperbahn“ (Германија), „Le Printemps de Bourges“, „I Love Techno“ (Франција), „Out.Fest“ (Португалија).

Европските фестивалски награди се најзначајното меѓународно признание за препознавање на квалитетот на фестивалските организации на кои се должи енергичната фестивалска сцена во Европа.

„Ова признание за Фестивалот доаѓа во вистински момент за прослава, односно на само неколку дена од одржувањето на главната вечер на Таксират, кога ќе прославуваме заедно со фестивалските посетители – оние кои се најмногу заслужни за оваа чест“, стои во соопштението од Таксират.

Добитниците на наградите ќе бидат презентирани на свечената церемонија во Гронинген, Холандија која се одржува во рамки на Eurosonic Noorderslag конференцијата, на 11-ти јануари 2017.

Во категоријата за најдобар голем фестивал е избран белгискиот „Dour Festival“, кој го освои и признанието за фестивал со најдобра програма.

Овие награди се доделуваат од 2009 година, а Таксират веќе осум години по ред беше номиниран во две категории „Најдобар фестивал во затворен простор“ и „Најдобар мал фестивал“.

Минатата година, повеќе од 1.2 милиони фестивалски посетители гласаа за најдобрите фестивали, а вкупно учествуваа повеќе од 350 фестивали од 35 земји во Европа.