СЗО: Светот ги губи ефикасните антибиотици, а инфекциите стануваат сè поотпорни

На светот загрижувачки му недостигаат антибиотици во фаза на развој, кои ќе се справат со растечката закана од антимикробна отпорност, соопшти Светската здравствена организација (СЗО), цитирајќи ја нивната анализа за антибиотиците во клинички развој.

Анализата покажува дека повеќето од лековите, кои се моментално во фаза на клиничко тестирање, се модификации на веќе постоечките класи на антибиотици и се само краткорочно решение. Истражувањето открило многу малку потенцијални опции за лекување на инфекциите отпорни на антибиотици, кои според СЗО претставуваат најголема опасност по јавното здравје, вклучително и туберкулозата отпорна на терапија, која убива околу 250 илјади луѓе секоја година.

„Антимикробската отпорност е аларм за јавното здравје, кое сериозно ќе го загрози напредокот во модерната медицина. Потребно е итно зголемување на инвестициите во истражување и развој во областа на лекување инфекции отпорни на антибиотици, вклучувајќи ја и туберкулозата. Во спротивно, ќе се вратиме во времето кога луѓето се плашеа од обични инфекции и ќе си го ризикуваат животот при мала операција“, вели генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Адханом Гебрејесус.

Покрај отпорноста на туберкулозата, од СЗО идентификуваледополнителни 12 класи на патогени, дел од нив предизвикувачи на вообичаени инфекции како пневмонија или инфекции на уринарниот тракт, кои се сè повеќе отпорни на постојните антибиотици и постои итна потреба за нови терапии за нив.

Извештајот посочува дека од 51 нов антибиотик во клинички развој, само осум се оценети од СЗО како иновативни лекови – кои би дале дополнителна вредност на досегашниот арсенал на антибиотици.

Постои загрижувачки недостиг на опции за лекување на М. туберкулоза и грам-негативните патогени, помеѓу нив и бактерии како Клебсиела и Ешерихија коли, кои можат да предизвикаат тешки, а често и смртоносни инфекции кои особена опасност во болниците или домовите за стари лица.

Постојат и многу малку орални антибиотици во клинички развој и покрај тоа што тие се клучни за лекување инфекции надвор од болници или во окружување каде нема доволно ресурси.

„Фармацевтските компании и научници мораат итно да се фокусираат на нови антибиотици кои се насочени против одредени типови на исклучиво сериозни инфекции, кои можат да ги усмртат пациентите за неколку денови бидејќи немаме одбранбена линија“, вели д-р Сузан Хул, директорка на Слжбата за основни лекарства во СЗО.

За да се справи со оваа закана, СЗО и Иницијативата за лекарства за запоставени болести, покренаа глобално истражување за антибиотици. На 4 септември оваа година, Германија, Луксембург, Холандија, Јужна Африка, Швајцарија и Велика Британија ја поддржаа работата со 56 милиони евра.