СВР Скопје месецов издало 26 поуки и прикажало филмови за безбедност во сообраќајот

Одделението за превенција при СВР – Скопје овој месец издало 26 покани на велосипедисти и мотоциклисти за сообраќајна поука на граѓани. Поуките се издадени на граѓани кои сториле сообраќајни прекршоци по разни основи како возачи на велосипеди со помошен мотор, мопеди и мотоцикли.

Според СВР, на поканата за сообраќајна поука се одзвале 21 лице за кое натамошната постапка треба да биде запрена, а за останатите пет кои не присуствувале на презентацијата или нема да ја платат глобата во предвидениот рок, прекршочната постапка треба да продолжи согласно прописите.

Во текот на поуката биле прикажани повеќе сообраќајни филмови со препораки за зголемување на безбедноста во патниот сообраќај.

Поуката се состоела и од презентирање на правилата и прописите од Законот за безбедност во патниот сообраќај кои ја регулираат оваа материја, најчестите причини за случување сообраќајни незгоди со потешки последици, опасностите од непочитување на правилата и статистиката за случени сообраќајни незгоди на подрачјето на град Скопје.