Свештеник од Полска призна дека е геј, Ватикан веднаш го отповика

Непосредно пред да пристигнат црковните лидери во Рим за денешниот Архирејски синод, на кој беше предвидено да се разговара за семејните прашања, свештеник од Полска јавно призна дека е хомосексуалец.

Монсињор Krzysztof Charamsa даде интервју за италијанските и полските медиуми, велејќи дека е среќен и горд геј свештеник, и дека е вљубен во човек што го опиша како момче.

Меѓутоа, Ватикан набрзо го отповика свештеникот, јави Associated Press.

„Време е црквата да ги отвори очите и да сфати дека нудењето целосна апстиненција од љубовниот живот на геј верниците е нечовечки“, изјави Charamsa за странските медиуми.

Тој додаде дека одлуката денеска да признае за својата сексуална ориентација не е случајна. Charamsa вели дека сакал да влијае врз престојниот синод.

„Би сакал да му кажам на синодот дека хомосексуалната љубов е еден вид на семејна љубов, љубов која му е потребна на семејството. Сите – хомосексуалци, лезбејки и трансексуалци, кријат во своите срца желба за љубов и семејство. Секој има право да сака, и таа љубов мора да биде заштитена од општеството и законот“.

43-годишниот свештеник подоцна одржа прес-конференција, на која присуствуваше и неговиот партнер, кој е геј активист од Шпанија. Тој во интервјуто за шпанските медиуми рече дека неговото момче му помогнало своите стравови да ги претвори во љубов. Исто така, соопшти дека напишал и книга за своето искуство.

Ватикан се уште не коментираше јавно за признанието на свештеникот, но портпаролот Federico Lombardi изјави дека Charamsa морал да биде отповикан, бидејќи неговите постапки биле многу сериозни и неодговорни.

Иако беше отповикан од Ватикан и нејзините универзитети, Charamsa  останува да биде свештено лице, но тоа може брзо да се смени, со оглед на тоа дека неговиот случај сега е во надлежност на парохијата на која и припаѓа, рече Lombardi.