Судири помеѓу полицијата и стечајците пред Влада

Лидерката на стечајците на Лилјана Ѓорѓиевска и активистот Васко Цацаноски од Левичарското движење Солидарност, беа приведени од полицијата за време на денешниот протест на стечајците кој започна пред зградата на Сојузот на Синдикати на Македонија, а продолжи пред Владата. Протестите тука ескалираа, демонстрантите се судрија со полицијата кога се обидоа да ја поминат металната ограда кај Владата при што неколку лица беа полесно повредени.

Фото: РСЕ

Фото: РСЕ

„Од денеска ова е предупредувачки штрајк, на нареден нека му мислат! Или ум нека им дојде или ќе ја гледаат и Украина, и Босна, и Црна Гора и Хрватска и се по ред, а може да биде и полошо,“ истакна стечајната лидерка Георгиевска.

По интервенцијата на Хелсиншкиот комитет двајцата приведени по кратко време беа ослободени, но од комитетот најавија дека ќе побараат внатрешната контрола на МВР да испита зошто полицијата употреби физичка сила кон стечајците при денешниот протест пред Владата.

„Хелсиншкиот комитет ќе покрене постапка, ќе се документираат повредите врз луѓето кои што денес протестираат затоа што се онеправдани, затоа што се сиромашни, затоа што оваа влада не им дава да ги заштитат своите права“, истакна Уранија Пировска од Хелсиншки Комитет.

Протестот, на кој учествуваа околу 600 стечајци, го поддржаа и Движењето за социјална правда Ленка и левичарското движење Солидарност, Цивил,  заедно со уште неколку невладини организации.

„Насилното приведување на нашиот дугар и на лидерката на стечајците покажува каков е односот на власта кон социјалната мизерија во Македонија. Ние ги покануваме сите обесправени, невработени, сиромашни и гладни, стечајци и студенти да се солидаризираат во борбата за социјална правда во Македонија. Се додека власта насилно ќе настојува да ги замолчи гладните и обесправените, нашиот глас нема да се стиши“, истакнаа од Солидарност.

Во знак на солидарност со стечајците се огласија и од Мрежата за борба против хомофобија и трансфобија од каде апелираа до сите граѓани, активисти и граѓански организации да се приклучат кон борбата и заеднички да го изразат незадоволството предизвикано од како што велат, континуираната егзистенцијална тортура, дехуманизација и експлоатација.

Од Министерството за внатрешни работи, пак соопштија дека во повеќе наврати бил нарушен јавниот ред и мир и тоа со обид за демолирање на заштитната метална ограда пред владата како и со туркање на кордонот полициски службеници. Во соопштението додаваат дека бил идентификуван и легитимиран еден од сторителите и против него, како и против организаторот на протестот ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Со протестот стечајците го изразија своето незадоволство од последните измени на Законот за стечајци донесени неодамна. Сметаат дека и ова законско решение нема да го реши проблемот целосно. Тврдат дека само дел, или околу 350 стечајци ќе добијат обештетување со ова законско решение.

Стечајците го обвинуваат и претседателот на Сојузот на синдикатите Живко Митревски дека ги продал интересите на работниците на сметка на неговите лични интереси. ССМ пак се огласи со соопштение во кое стои дека тие континуирано се борат за решавање на статусот на стечајните работници.