[Студија] 77% од младите во светот работат во сивата економија – 71 милиони лица се невработени

Скоро 71 милион млади лица во светот се невработени, а бројката се очекува да се зголеми за дополнителни 200 илјади лица следната година, покажува студијата за глобалните трендови во вработувањето на младите, на Меѓународната организација за труд (ИЛО).

Оваа проценета бројка е значително помала од онаа во 2009 година, во пикот на економската криза, кога имало 76,7 милиони невработени млади.

Анализата покажува и дека 19 од секои 20 млади луѓе во земјите во развој работат во сивата економија, додека на глобално ниво во неформалната економија се вклучени 77% вработените млади.

„Постои скромно економско опоравување, иако невработеноста кај младите останува висока, а квалитетот на вработувањата загрижувачка. Учеството на младите во пазарот на труд се намалува драстично изминативе 20 години и многу млади жени и мажи се надвор од пазарот на труд поради други причини, освен образованието“, се наведува во студијата.

Податоците ја истакнуваат и ранливоста на младите жени на пазарот на трудот. Нивното учество во 2017 година, на светско ниво, било за 16,6% помало од она на младите мажи. Кај младите жени истовремено е значајно повисоко нивото на невработеност во споредба со она на младите мажи, додека разликата на родовиот јаз во односот на млади луѓе кои не се ниту вработени, ниту во процес на образование или обука, е уште поголем – 34,4% кај жените споредено со 9,8% кај мажите.

Некои од позначајните податоци од студијата се:

  • Помеѓу 1997 и 2017 година популацијата на млади се зголемила за 139 милиони луѓе, додека младата работна сила се намалила за 35 милиони луѓе. Овој тренд е отсликан и во намалувањето на застапеноста на младите во вкупниот сооднос на глобална работна сила, од 21,7 проценти, на 15,5 проценти.
  • Учеството на младите во пазарот на трудот, последниве 20 години е намален од 55% на 45,7%.
  • Во 2017 година според проценките невработени се вкупно 70,9 милиони млади.
  • Во 2017 година, 16,7% од младите кои се вработени во земјите во развој и растечките економии живеат под нивото на екстремна сиромаштија, со 1,9 долари дневно.
  • Глобалното ниво на младинска невработеност за 2017 година изнесува 13,1%, а најголема е во арабските држави – 30%.
  • Во земјите на ОЕЦД, скоро 18% од невработените млади се без работа подолго од една година.
  • Последните податоци покажуваат дека 76,7% од младите работат во сферата на неформалната – сива економија, во споредба со 57,9% од возрасните кои работат. Процентот на млади во сивата економија во земјите во развој е 95%.
  • Помеѓу денес и 2030 година, 25,6 милиони млади, на возраст од 15-29 години ќе влезат на пазарот на труд и ќе бараат работа. Ова зголемување на младата работна сила ќе се случи скоро целосно во Африка.
  • До 2030 година 77% од младата работна сила на возраст од 15-24 години ќе се наоѓа во земјите во развој од Африка, Азија и Пацификот.
  • Во земјите со висока младинска невработеност, помала е веројатноста младите доброволно да ја напуштат својата работа.
  • Колку подолго младите учат, толку пократок е периодот на транзиција во вработување. Во просек, транзицијата од образование во работа била 1,6 пати подолга за оние со завршено основно во споредба со оние со завршено средно образование и 1,7 пати подолга за оние со завршено средно, во споредба со оние кои завршиле вишо или високо образование. 2,6 пати е подолг периодот на транзиција на оние со завршено основно образование, во споредба со високообразованите млади.

Студијата покажува и дека секторите каде имало најголем раст на младинската вработеност последнава деценија се финансиите, трговијата и здравството. Извештајот наведува дека младите се многу поподготвени за работа со технологија од повозрасните работници и тоа го користат се повеќе за да заработат за живот, иако има разлики помеѓу регионите во зависност од нивото на дигитална разновидност и достапност.

Потребите од вештини исто така се менуваат. Има пораст во интересот за високо и ниско обучените работници, додека се намалува потребата од средно-обучените. Побарувачката за високо-обучените расте силно во високо развиените земји, додека младите ниско-обучени работници се бараат во земјите во развој и надоаѓачките економии.

Се зголемува бројот на млади кои бараат работа и млади претприемачи кои се концентрираат на интернет, каде наоѓаат нови и различни форми на вработување, како работа во поголеми групи, што може да понуди флексибилност и да ги прошири можностите за заработувачка.

Студијата повикува и на политики кои ќе ги имаат во предвид брзите промени во светскиот пазар на труд.

„Инвестирање во механизми за доживотно учење, дигитални вештини и секторски стратегии кои ги прошируваат добрите работни места, како и адресирање на ранливостите кај оние кои имаат најмногу потешкотии, треба да бидат приоритет во националните политики“, смета Азита Берар Авад, директорка на Одделот за политики за вработување на ИЛО.