Студентските парламенти да се отворат за студентите

По Штип, Битола и Тетово, студентите денес повторно ги споделија своите ставови и мислења за студентското организирање. Консултациите беа во организација на МОФ, а се одржаа на Правниот факултет „Јустијан Први“, каде претставници на младински и студентски организации низ дискусија побараа фунционален, нов начин на уредување на  студентските парламенти.

Тамара Велковска од ЕЛСА го искажа своето незадоволство од досегашните студентски избори, потенцирајќи дека досега сите биле пропратени со скандали. За изборот во 2016 за претседател на СПУКИМ, вели таа, имаше крадење на кутии, колеги-правници кои гласале јавно без паравани, но и интервенција на полицијата.

Дополнително, Студентските парламенти се обвиени со „магла“ кога во прашање се финансиите.

„Несомнено, прашањето за студентското организирање треба да биде посеопфатно регулирано во Законот за високо образование. Во спротивно ќе имаме ситуација каква што имаме денес – нефункционални, нетранспарентни, нелегитимни и елитистички претставнички тела на студентите“, рече Велковска од ЕЛСА.

Мартина Илиевска од Младински образовен форум (МОФ) нагласи дека во високото образование се направени премногу промени. Што од дисперзирани студии, затворени програми, отворање на факултети… а актуелниот Закон за високо образование од 2008 година претрпе 23 измени.

МОН повторно најави измени во Законот, за кои смета е потребен транспарентен, инклузивен процес кој ги вклучува сите засегнати страни. Една од неопходните промени е моделот на студентско организирање, па токму преку четирите јавни дискусии се собираат мислења и препораки, кои ќе бидат доставени до МОН на 30 ноември.

„Од досегашните консултации увидовме дека студентите имаат потреба од функционално тело кое ќе работи во насока на застпување на нивните интереси и ќе биде изградено врз демокрастски вредности, транспарентно и отчетно“, посочи Илиевска.

Таа во име на МОФ предложи модел во кој студентските претставници треба да бидат избрани на непосредни, тајни, демократски избори. На нив би можел да се кандидира секој студент со запишан семестар на додипломски студии, со мандат од две години.

„За да се обезбеди мандатот, претседателот на студентското тело, шест месеци пред завршување на мандатот, да распише нови избори. Ако тој не распише, тогаш деканот да ги распише“, нагласи Илиевска, дополнувајќи дека освен финасиски, потребни се и наративни извештаи за студентите да ги знаат точните активности, каде отишле парите, да може да аплицираат за одредени грантови, проекти, конкурси… Исто така, побара да се регулираат и ингеренциите на студентскиот правобранител.

За Стефан Дојчиновски од Студентскиот Пленум е потребен модел со кој студентското организирање нема да биде заробено од подмладоците на политичките партии. Ја спомена автономијата на Универзитетот. Таа е во поширок контекст, меѓутоа, рече тој, таа досега е нарушена и со вмешување на властите во менаџирањето на Универзитетот.

Според претставникот на Пленумот, единствениот начин за решавањето на проблемот со студентското организирање е „логичното заокружување на поимот академска заедница“. Таа, според иницијативата, треба да е составена од професори и студенти.

„Ваквото решение, во кое круцијална промена е статусот на студентската организација, конечно ќе овозможи вистинско ползување од страна на студентите на своето право на претставување и учество во управувањето на универзитетот и факултетите преку свои легитимни претставници“, рече Дојчиновски.

Поточно, пленумците предлагаат интегрирање на студентското претставничко тело во рамки внатрешната организација на универзитетите и факултетите. За нив е важен делегатски модел, односно студентите да можат да избираат свои претставници на Студентското собрание, а легитимитетот ќе се влече од „доле па нагоре“. Наставно-научниот совет и Собранието, споделена одговорност на студенти и професори. Во ваквиот модел, Наставно-научните совети би биле задолжени за распишување на изборите, па се до начинот на спроведување на изборите и верификување на резултатите.

Во однос на финансиите, ја спомена опцијата за подсметки на Универзитетот. Таа подсметка ќе биде интегрален дел од финалната сметка на факултетот.

„Не знам кој декан ќе сака да потпише бланко, ако има сметки за телефони, патувања, јадења…“, вели тој.

Во финансиите, дополни Дојчиновски, важно е да се спречи монополизиација од студентското претставничко тело. Оттука, побара можност да се формира формира регистар и на студентски иницијативи. Да се обезбедат трошоци за редновно финсирање на телото, а во останатите 30-40% да партиципираат и иницијативите.

Ивона Стојановска од БЕСТ, нагласи дека оваа студенската организација не потпаѓа под ниту еден факултет, туку под Универзитет во целост. Досега немаат никаква соработка со факултетите – за настани кои ги оддржуваат, ниту финансиска поддршка доколку самите не ја побараат. А, нивната цел е да ги поврзат универзитетите и компаниите.

„БЕСТ функционира во 33 земји. Имаме соработка со Електро и Машински, но таа соработка е единствено за конкретен простор што делиме, делење на настани по датуми… Можам да споменам за Студентски парламент на Технолошко-металуршкиот факултет – немаме информација дали тој воопшто функционира…“, рече Стојановска, прашувајќи како би биле вклучени организациите кои работат независно.

Според деканот на Правниот факултет, Горан Коевски, студентите за да бидат проактивни во аспект на студентското организирање, факултетот мора да ги задржи. Да не бидат присутни само на предавање, а после да ги снемува.

„Зборувавме за идејата на студентите да им се даде просторија, да се чувстуваат како свои. Деканатот планира осовременување на читалната. Таа сега изгледа како од хорор филм! Затоа, планираме донаторска журка, да ја направиме со компјутери, бази на податоци, да биде соодветна за студентте да ја чувстуваат како заемен дел од факултетот“, рече тој.

За Коевски е важно да направи суштински исчекор, нанапред. Но, вели тој, во двата Закона високо обравование, предложени од УКИМ и Пленумот, не нашол дефиниција што е тоа интер-универзитетско-студентско.

„Треба подетално да се дефинира, макар со упатувачка норма“, забележа тој.

Б.Ш.

*Текстот е дел од проектот „НаЧас“, чии активности се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено Општество – Македонија.